ДЗС: Пазарно ориентираните деловни субјекти во земјава лани оствариле 1.627.737 милиони денари вкупен промет

Во македонската економија доминираат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени (90,9 отсто), а најголемиот дел од нив се од областа на трговијата. Со ангажирани 35,1 отсто од вкупно вработените, тие создале 22,1 процент од вкупната додадена вредност. Големите претпријатија со учество од само 0,2 отсто и со ангажирани 24,1 процент од вработените, создаваат 31 отсто од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор и тоа, главно, во секторот Преработувачка индустрија (13,7 проценти).

Сепак, најголем е потенцијалот на малите и на средните претпријатија (со 10 до 249 вработени), кои ангажираа 40,7 отсто од вработените и создадоа 46,9 отсто од вкупната додадена вредност во деловниот сектор, покажуваат структурните деловни статистики за 2021 година.

Според Државниот завод за статистика, 66.182 пазарно ориентирани деловни субјекти активни во областа на индустријата, градежништвото, трговијата и останатите услужни дејности оствариле вкупен промет од 1.627.737 милиони денари и додадена вредност од 336.602 милиона денари. За ангажираните 441.734 вработени лица, издвоени биле 174.560 милиони денари.

Најголем промет е реализиран од секторот Трговија на големо и на мало со 39,4 отсто, а по него следат секторот Преработувачка индустрија со 26,9, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 8,2, Градежништво со 6,4 и секторот Транспорт и складирање со 5,2 отсто.

Секторот на преработувачката индустрија има најголемо учество во вкупната додадена вредност со 27,1 процент, следен од секторот Трговија на големо и на мало со 23 отсто. Значително учество имаат секторот Градежништво и Информации и комуникации кои создаваат по 8,7 отсто од вкупната додадена вредност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.