Џуди Денч ја доби Доностиа за животно делo на филмскиот фестивал во Сан Себастијан

На британската актерка, 83-годишната Џуди Денч, на пошироката публика најпозната по улогата на „М“ во серијалот за Џејмс Бонд, на шпанскиот филмски фестивал во Сан Себастијан ќе ѝ биде врачена наградата за животно дело, соопштија организаторите

Денч, којашто во 1999 година го освои Оскарот за најдобра споредна улога – на кралицата Елизабета Прва во филмот „Вљубениот Шекспир“, наградата Доностиа ќе ѝ биде доделена на 25-ти септември.

Ова ќе биде нејзино прво учество на култниот филмски фестивал во баскиски Сан Себастијан, каде што ќе биде прикажан нејзиниот нов филм „Red Joan“, на режисерот Тревор Нан. Во филмот инспириран од вистински настан, Џуди Денч толкува лик на пензионерка којашто ненадејно е приведена од тајната британска служба MI5 под сомневање дека е долгогодишна шпионка на злогласната советска КГБ.

Ветеранката на театарските штици и ценета филмска актерка, своето филмско деби го имала во далечната 1964 година, а во текот на плодната кариера соработувала со режисери како што се Стивен Фирс, Кенет Брана, Клинт Иствуд и Сем Мендес.

Иако на почетокот од актерската кариера ѝ рекле дека е одлична актерка, но дека никогаш нема да успее бидејќи е грда, таа во повеќе наврати ги демантираше.

Покрај наградата Оскар, британската актерка доби вкупно десет награди на британската академија BAFTA, седум награди Лоренс Оливие, две награди на Screen Actors Guild, два Златни глобуса и една награда Тони.

Денч е одликувана и со Орденот на Британската империја Витез на Редот на честа во 1988 година, кога ја доби титулата „Дама“ на Обединетото Кралство, а избрана е и за членка на Британското кралско Друштво за унапредување на уметноста.

Во 2012 година лондонскиот музеј „Мадам Тисо“ ја стави во својата постојана поставка и фигурата во природна големина на Џиди Денч.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.