Ќе ја намалиме невработеноста под 10 проценти, порача Мисајловски

10

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ и носител на листата во изборната единица 2 Владо Мисајловски денеска беше на средба со граѓаните во скопската населба Шуто Оризари.

„Луѓе кои постојано зборуваат за урбан хаос во овие улички, каде што нема инфраструктурни проекти. Луѓе кои што сакаат да имаат подобра иднина, луѓе кои што сакаат да останат тука во Шуто оризари, но сакаат да имаат подобар стандард. Разговаравме за нивните маки, за она што значи редовна социјална помош, а моментално не ја добиваат. Она што најмногу треба да им се вети, а ВМРО-ДПМНЕ ќе им го вети и ќе го исполни, е да имаат повеќе вработувања. Луѓе кои едноставно сакаат да живеат подобро и да бидат рамноправни со сите. Јас сум навистина благодарен што толку многу граѓани дојдоа денеска на овие средби да ни дадат поддршка. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане партнер со сите овие граѓани, не само за изборите, туку и после изборите, бидејќи овие граѓани тука во Шуто Оризари заслужуваат повеќе проекти. Заслужуваат повеќе улички, повеќе осветлување, заслужуваат вработеност, заслужуваат нови проекти од оние од Агенцијата за вработување, каде што ВМРО-ДПМНЕ директно ќе ги понуди за Ромите. За да можат што повеќе образувани луѓе, тука да најдат своја работа. И тоа е многу важно, бидејќи кај Ромите има многу добар образовен кадар, кој треба да остане тука и да помогне да се води државата. Драго ми е денеска што исто така МВР има акција која значи стоп за било каков поткуп. Јас ја поздравувам навистина. Никој не смее да си игра со гласот на народот. Треба граѓаните да излезат тука во Шуто Оризари и насекаде во Македонија, да си гласаат разумно, да си гласаат за опцијата што ја сакаат и тоа е добра кампања и јас го поздравувам министерот, и секоја чест за ваквите средби директно со граѓаните. Тоа значи дека е посветен, тоа значи дека сака да има фер и демократски изборен процес. Впрочем, оваа влада е техничка токму за ова. За секој граѓанин да се чувствува комотно да излезе и да гласа. Затоа секој граѓанин може да пријави до МВР, да се спречи било каква манипулација за време на изборниот процес, но се разбира и дента на гласање“, истакна Мисајловски.

Тој го охрабруви МВР да продолжи со оваа акција и тоа е добро за граѓаните и фер за демократијата.

„Уште еднаш сакам лично да им се заблагодарам на сите граѓани во Шуто Оризари за добриот прием и за едно убаво добредојде. Се чувствуваме навистина убаво и ќе продолжиме секогаш да доаѓаме“, заврши Мисајловски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.