Ќе дозволи ли Бугарија Македонија да потпише договор со Фронтекс на македонски јазик?

Денеска ќе се одржи редовен годишен состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ и на регионот, кој, според очекувањата, се смета за клучен за миграциските прашања, со оглед на важноста на балканската рута за барателите на азил. Минатиот месец Унијата го презентираше новиот Пакт за азил и миграција на ЕУ со надеж да се надминат досегашните несогласувања помеѓу земјите членки на ЕУ за градење заедничка европска политика на азил и миграција.

Но, тоа што е важно за Македонија е дали Бугарија ќе ја отстрани блокадата и ќе дозволи потпишување на договорот со Фронтекс на македонски јазик. Бугарија е единствената земја, која се спротивставува на потпишувањето на договорот.

Состанокот се смета за исклучително важен во однос на миграциските прашања, ако се има предвид дека рутата на Западен Балкан беше главна влезна точка за повеќе од 1 милион мигранти во 2015 година. Македонија и Србија на почетокот беа важна алка во синџирот, додека Црна Гора стана дел од мигрантскиот пат малку подоцна.

Со цел европската гранична служба Фронтекс да може да спроведува заеднички операции и да распореди нејзини тимови во граничните региони на ЕУ за справување со прекуграничен криминал, илегална миграција, ненадејни промени во миграциските текови, како и да обезбеди техничка и оперативна помош за националните гранични сили, беа подготвени договори за соработка на ЕУ со сите земји од Западен Балкан.

Според Фактор. бг, македонскиот јазик е единствената причина, поради која Македонија не може да го потпише договорот. Тоа за порталот, како што пишува, го потврдил и портпарол на Европската комисија.

Пред неколку дена еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон изјави дека комисијата е во постојан контгакт со бугарските власти „за да се најде решение“.

Како што се наведува во Брисел, соработката со земјите од западен Балкан е клучна не само поради тоа што се наоѓаат непосредно на надворешните граници на ЕУ, туку и затоа што имаат перспектива на полноправно членство во заедницата. На состанокот кој ќе биде виртуелен ќе стане збор и за договорите со Фронтекс за гранично управување, организираниот криминал и трговијата со луѓе.