Ќе ги објавиме јавно имињата на фирмите кои нема да ги почитуваат мерките, порача директорот на Пазарна

Горан Трајковски

Директорот на Пазарна инспекција, Горан Трајковски, им порача на трговците дека јавно ќе ги објави нивните називи, доколку не ги почитуваат одлуките на Владата со кои треба да се намалат цените на лебот, млечните производи, тестенините. Тој го повтори ставот дека одлуките на Владата се исправни и дека досега немало нерегуларности низ маркетите.
„Во моментов, досега има намалување на цените, повеќе од 160 инспектори се на терен и во текот на денот ќе излеземе со подетални информации. Апелирам како директор, бидејќи имаше шест дена период да се прилагодат трговците за почитување на оваа одлука, апелирам истото да го направат, бидејќи според Законот за трговија, санкциите се високи од 800 до 10 илјади евра, а ние како ДПИ без никаква селекција ќе ги вршиме надзорите максимално до крај и по закон“, вели Трајковски.
Тој посочи дека утрово немало непочитување на владините одлуки.
„Од утринава до пред половина час, но како што кажав, би сакал да го почекам  деталниот извештај до крајот на денот и во текот на денешниот ден или утре да излеземе со подетални информации. Ако има нерегуларности, ДПИ ќе ги објави со називите на субјектите, бидејќи овие одлуки се во интерес на граѓаните. ДПИ како и до сега така и отсега, постапува со полн капацитет и по увидување на фактичката состојба ќе можеме да дадеме подетални информации“, додаде Трајковски.