Ќе има ревизија на сите универзитети, пријави има и се постапува, порача Јаневска од Охрид

Ќе има ревизија скоро на сите универзитети, пријави веќе има за неколку и се постапува по истите, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска од Охрид.

-Ќе почнеме од таму кадешто се пријавуваат неправилности и со тек на време ќе направиме ревизија на сите. Ревизијата на издавање на дипломи е прилично долг и макотрпен процес, но за се што ќе има пријава ќе се постапува. А веќе имаме и почнуваме да постапуваме, меѓу нив за т.н. Универзитет на Мерко, за еден државен универзитет, за еден приватен универзитет и кога ќе бидат завршени ревизиите тоа ќе биде јавно објавено – рече Јаневска.

Одговарајќи на новинарско прашање за Меѓународниот универзитетот на струшкиот градоначалникот Размиз Мерко кој и покрај тоа што нема дозвола да работи има објавено Програма за аплицирање на студенти за медицинската струка посочи дека ќе реагираат, ќе помине Комисија од Министерството, Државниот просветен инспекторат и доколку е така ќе си сносат последици.

Останува на ставот дека универзитетите кои не ги исполнуваат условите ќе бидат затворени.

-Универзитетите кои не исполнуваат услови не може да работат. Гледајте какви инвестиции правиме за да имаме услови за работа и да се стекнува образование и знаење, нема да дозволиме таму каде што нема услови да се работи – додаде Јаневска.