Џеј Ло: На публиката сакам да ѝ дадам содржина, не само тресење на задникот

По повод претстојниот документарен филм кој осврнува на приватниот живот и кариерата на Џенифер Лопез, пејачката откри дел од она што ги очекува гледачите, откривајќи како одредени моменти ја навеле да ја преиспита кариерата.

Гледачите во филмот „Halftime“ на Netflix ќе добијат поблиска слика за повеќедецениската кариера на пејачката, нејзината работна етика, но и нејзиниот приватен и љубовен живот, мајчинството и сето она што ја направи оваа личност светски позната ѕвезда.

Во трејлерот за документарниот филм, во кој беше истакнат настапот на Џеј Ло на полувремето од Супербоулот, 52-годишната пејачка ги спомна осудите од јавноста и медиумите со кои се занимаваше на почетокот на нејзината кариера кога ја нарекуваа со различни имиња од „дива“ до „сериска невеста“.

„Живеев во очите на јавноста и навистина верував во тоа што го зборуваат. Беше тешко. Имав многу ниска самодоверба. Морав да сфатам која сум навистина и да верувам во тоа, а не во нешто друго“, објасни пејачката

Џеј Ло ја погоди и тоа што не го доби очекуваниот Оскар за улогата на стриптизета во филмот „Hustlers“, а на трејлерот се гледа и како плачела.

„Се обидувам да ѝ дадам на публиката нешто содржинско, а не само да си го тресам задникот“, изјави пејачката за време на стресните подготовки за Суперболот и додаде: „Сакам нешто реално. Цел живот се мачев да ме слушнат, да ме видат и сфатат сериозно“.

Сепак, Џенифер призна дека не ја работи својата работа за награди туку за да се поврзе со луѓето.

„Не го правам сето ова за да освојувам награди, туку за да се поврзам со луѓето, да почувствувам нешто… бидејќи тоа е она што го сакам“, рече таа.

Конечно, Џеј Ло заклучи дека „чувствува дека нејзиниот живот допрва започнува“, а меѓу нејзините планови за иднината е и венчавка со нејзиниот вереник Бен Афлек, кој исто така се појавува во документарецот.

„Halftime“ ќе го отвори филмскиот фестивал Трибека во Њујорк на 8 јуни, додека на Netflix пристигнува на 14 јуни.