Ќе останеме заглавени на брегот на Ахерон или ќе се избавиме?

207

– Влезот во пеколот е опкружен со реката Ахерон. Таму се наоѓаат неодлучните – луѓе што ништо не направиле во својот живот –

Ова пред околу пет века го напишал величенствениот Данте во Божествената комедија. Важи и денес. И тоа колку многу прецизно точно за нас. За сите нас во Македонија, кои не сме во одбраното друштво на владарите и кои не сме направиле ништо за да ги истуркаме кон дантевата инка. Виновни сме. Не се тие виновни за тетовскиот пекол, ние сме. Ним сега не им е време за одговорности, имаат многу поважни обврски. Фраза што некако стана водилка на владарите при секоја трагедија во Македонија. Уште колку ли само кругови има овој наш пекол. Ќе чекаме сите да ги минеме, или ќе успееме да излеземе од тие концентрични кругови? Тука неможе никој да ни помогне, ако не си помогнеме самите.

Тие секогаш ќе бидат исправните, вистинските, трудољубивите, посветените… Ќе не трујат со нивните погани гласници дека тоа е вистината, а нивните безр’бетни послушници ќе им аплаудираат со овации. А, ние? Ние сме заглавени во незнам веќе кој пеколно огнен круг.

Мртвите кај нас одамна станаа само една обична арапска бројка. И во несреќи и во пандемии. Емоции нема. Одговорност воопшто. Само круто бесчуствително броење. Етиката и моралот се одамна длабоко закопани под земја.

Оние кои не го креваат гласот, па макар и само на избори, и не заслужуваат повеќе во животот отколку брегот на Ахерон. Да се удавени во стерилност.

Оние кои за жал мачно си заминаа во ужасот во Тетово, нека им е лесна црната земја, не е важно кои се. Знаеме колку се. Знаеме дека и тие имаат семејства и знаеме дека таму биле да се изборат за живот, имале надеж, а не да завршат во пекол.

Шанса имаме и тоа за многу кусо. За само неполни 40 денови. Нашиот меч е најмоќниот. Нашиот меч е плајвазот во раката. Нашиот меч нека им пресуди, еднаш за секогаш. За се’ што ни сторија во овие години на хибриден режим во ова наше труло општество.

Автор: Дејан Николовски

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.