Ќе открие ли Ременски каде се парите од рекетот?

593

Потпретседателката на Собранието и пратеник на СДСМ, Фросина Ременски денеска напладне беше во собраниските клупи кога од Јавното обвинителство соопштија дека меѓу осомничените во истрагата за „Рекет“ е и функционер кој го придружувал Бојан Јовановски на средбите со бизнисмените од кои барал пари.

Дваесетина минути подоцна Ременски ја напушти собраниската седница и, како што објавија дел од медиумите, попладнево го поминала во својот кабинет во Собранието.

Ременски е меѓу петмината ново осомничени во „Рекет“ кои обвинителството ги товари за измама, перење пари и помагање при измама.

„Едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт“, велат од Обвинителството за улогата на Ременски во случајот „Рекет“ во кој што Јовановски успеал да земе повеќе од 1,4 милиони евра од двајца бизнисмени, плус 1,5 милион евра од Орце Камчев.

Сите осомничени денеска треба да бидат донесени на распит пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје. Обвинителството за осомничената Јасна Мандиќ, потпретседателка на Меѓународниот сојуз, бара притвор, додека за останатите само одземање на пасошот како мерка на претпазливост.

Ременски пред околу еден месец беше на распит во Обвинителство, но тогаш демантираше дека има било каква врска со незаконските активности, а велеше дека Јовановски го познава само од телевизија.

Иако покрај името на Ременски, за „Рекет“ се врзуваше и името на нејзиниот сопруг Јовица Ременски. Според неофицијални информации, кај Боки 13 биле пронајдени компромитирачки материјали за повеќе јавни личности кои биле снимени во формат којшто го користи единствено МВР.

Дали по нејзиното сомничење Ременски ќе проговори за тоа кој го смислил и кој го организирал рекетот останува да се види од нејзиното изглагање пред судот и обвинителството.

Заев најави разрешување на Ременски од партиските функции

Иако вели ги нема сите детали за истрагата за Ременски Заев најави нејзино разрешување од сите партиски функции.

„Ја добив информацијата дека има соопштение, а за кои лица се однесува, дека се работи за потпретседател на Собранието, тоа слушнав од вас. Нашиот став е секој пат кога лице е осомничено или обвинето, да преземеме мерки и санкции, времено отстранување на тоа лице, се додека не си ја докаже својата невиност. Прво да прочитаме за што е тоа лице осомничено, треба да испочитуваме еднаков третман пред законите“, рече Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.