Ќе се допрецизират одредени прашања од Договорот со Бугарија, најави Османи

Работни групи од Македонија и Бугарија на дневна основа работат на надминување на разликите на двете земји во однос на примената на Договорот за добрососедство, изјави денеска министерот за надворашени работи Бујар Османи потврдувајќи дека се подготвува дополнителен анекс на овој документ.

Османи истакна дека за време на неговата посета на Софија било разговарано за разликите од очекувањата и различните интерпретации на одредени решенија од Договорот и како да се олеснат одредени решенија.

-Констатиравме дека имаме разлики во нашите очекувања во однос на тоа колку досега тој Договор дал резултат во однос на прашањето за кое што беше наменет односно потпишан. И тука ги отворивме сите прашања и се договоривме да формираме работни групи, од двете министерства кои на дневна основа ќе разговараат во однос на овие разлики во очекувањата, различните интерпретации на одредени решенија, како да се олеснат одредени загрижености на едната или на другата страна од некои решенија. Како што е на пример новото кратко име, ако кратко име предизвикува одредена загриженост во Република Бугарија дека некој тоа може да го интерпретира како територијална претензија на историскиот регион Македонија, мислам дека ние немаме проблем да направиме дополнително објаснување до бугарската страна дека новото име е во употреба како и долгото така и краткото, меѓутоа и краткото и долгото претставуваат иста територија а тоа е Републиа Северна Македонија, изјави Османи.

Според него, нема никаква дилема дека треба да се разрешат и да се допрецизират одредени прашања, како и на нашата обврска за немешање во внатрешните прашања на соседните држави.

Во однос на историските прашања, шефот на дипломатијата рече дека би сакал да ги охрабри Комисиите на двете земји што побрзо да дојдат до одредени решенија кои ќе дадат нова диманика во односите меѓу двете земји со поглед кон иднината, а не кон минатото.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.