Ќе се гласа ли законот за јавно обвинителство?

Откако вчера предлог законот за јавно обвинителство помина и на Комисијата за европски прашања согласно процедурата треба да се најде на дневен ред на пленарна седница за расправа и гласање.

Но, кога собранискиот спикер ќе ја стави точката на седница останува неизвесно. Оваа одлука на Талат Џафери зависи од тоа кога власта ќе обезбеди 80 гласови од пратениците неопходни за предлог законот да помине. Парламентарното мнозинство официјално тврди дека потребната поддршка е обезбедена.

“Верувам дека имаме двотретинско мнозинство за законот за ЈО”, изјави вчера пратеникот на ДУИ, Артан Груби по завршувањето на седницата на Комисијата за европски прашања. 

Неофицијални информации велат дека оваа бројка и покрај силните заложби се уште не е постигната.

Иако се уште јасно не се произнесоа гласовите на пратениците на Алијанса за Албанците, БЕСА и оној на Панчо Минов во моментов не се вбројуваат во потребите  80. Во текот на комисиската расправа беше одбиен амандманот на Алијансата за измена на членот 110 од предлог закон со којшто се регулира употребата на прислушуваните телефонски разговори во постапките. Алијанса бараат тие да продолжат да се користат  и понатаму како докази и индиции спротивно од она што стои во владиниот предлог – „бомбите“ да важат само за предметите отворени до 30-ти јуни 2017 година. 

Пратеникот Минов, пак, со сосема спротивно барање од она на Алијансата бара „бомбите“ повеќе да не се користат ниту како докази ниту како индиции и да не смеат да се преслушуваат повеќе за било каква потреба.

Последните информации говорат дека преговорите за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство ќе потраат најмалку до сабота. А, в недела се очекува да се донесе одлуката за самораспуштањето на парламентот по што ќе почнат да течат роковите за организирање на предвремените парламентарни избори на 12-ти април. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.