Градската управа на Париз сака да постигне заштеда на енергија со претходно исклучување на ноќното осветлување на Ајфеловата кула, со цел да даде пример за заштеда на енергија како одговор на актуелната енергетска криза.
Вторников градоначалничката на Париз, Ан Идалго, треба да го претстави планот за „енергетска трезвеност“ за намалување на потрошувачката на енергија. Меѓу мерките за намалување на потрошувачката на енергија е и исклучувањето на светлата на Ајфеловата кула, пренесува BFMTV.
Градската управа на Париз предложи светлата да бидат целосно исклучени во 23 часот и 45 минути, кога ќе заминат и последните посетители.
Рефлектори на врвот на кулата висока 330 метри ја прават светилник на ноќното небо во Париз, а 20.000 светилки и даваат на кулата блескав изглед пет минути на секој час.
Ноќното осветлување на Ајфеловата кула годишно троши 6,7 гигавати електрична енергија на час.
– Постигнатите заштеди на енергија нема да бидат големи, но како најпосетувана знаменитост во светот, должни сме да им служиме како добар пример на сите други. Нашиот симболичен гест е всушност исклучително моќен бидејќи очите на целиот свет се вперени во нас, рече Жан-Франсоа Мартинс, претседател на Societe d’Exploitation de la Tour Eiffel (SETE), која управува со Ајфеловата кула.
Француската влада апелираше до поединците, домаќинствата и претприемачите да трошат помалку енергија затоа што земјата се соочува со недостаток на струја, гас и гориво поради руската инвазија против Украина.
Неколку градови го решаваат проблемот со гасење на светлата на јавните згради и улици кога не се користат.