Виртуелно или реално – правилата се исти! Да бидеме медиумски писмени“ е мотото на Деновите на медиумска писменост кои годинава ги посветуваме на децата и младите, соопшти директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски на денешната прес-конференција. Со неа се означи почетокот на манифестацијата, која Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Мрежата за медиумска писменост ја организираат од 22 до 29 ноември.
-Тематската поставеност на овие Денови произлегува од најновиот развој на полето на медиумската писменост во земјава – официјалното влегување на медиумската писменост во програмите за основното образование, како пристап во предавањето, за што секако придонесоа сите досегашни заеднички напори за унапредување на медиумската писменост кај граѓаните од сите генерации, истакна директорот на Агенцијата.
Во рамки на манифестацијата, со која по трет пат се приклучуваме кон одбележувањето на десеттата Глобална недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, ќе се одржат низа настани посветени на градењето и развојот на критичката свесност кај децата и младите, но и кај други целни групи кои се директно или индиректно поврзани со нив.