Ќе се разгледува можноста за контролирано ловење охридска пастрмка од македонска и албанска страна

Министрите за земјоделство на Република Северна Македонија и Република Албанија утре во Тирана ќе ги разгледаат можностите за контролирано изловување охридска пастрмка од двете страни на границата.

Ова прашање, како што истакна денеска министерот Трајан Димковски, се провлекува подолго време, но постои иницијатива за негово решавање.

– Охридското Езеро неодамна доби концесионер, што е многу важно да знаеме кој да контролираме и следиме и да добиеме информции како се одвива рибарењето, мрестењето и слично. Утрешната средба е да продолжи иницијативата. Ова е отворено прашање кое сакаме да го затвориме и е дел од процесот кој веќе е почнат, истакна Димковски, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на месната индустрија „Билјанови“ во Струга.

За решавање на проблемот околу излов на охридската пастрмка, покрај од македонска, смета дека треба да има интерес од албанска страна.

– Еден дел од Охридското Езеро е во албанска територија и треба заеднички да се разгледаат сите можности како да биде контролирана експолатацијата на охридската пастрмка за да нема криволовство, односно неконтролирано ловење на пастрмката. Очекуваме заедничка соработка со цел да ја одржиме автохтоната охридска пастрмка и тоа економско рибарење да биде во рамките на дозволеното, рече Димковски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.