ЕБОР ќе кредитира енергетска ефикасност кај домаќинствата – обезбедени 2 милиона евра

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбедува кредит од 2 милиона евра за кредитирање на домаќинствата за инвестиции во енергетска ефикасност. Кредитната линија е дел од програмата Финансиска програма за зелена економија (Green Economy Financing Facility – GEFF), а ќе се реализира преку ПроКредит банка.

Парите ќе можат да ги земат физички лица за инвестиции во мерки за заштеда на енергија, како што се изолација, прозорци, пумпи за загревање, соларни панели, итн. Европската унија обезбеди грант од 20 отсто од вредноста на кредитот за секој поединец по реализрањето на инвестицијата.

Финансирањето во износ од 135 милиони евра е обезбедено преку ГЕФФ Програмата за Западен Балкан, која е кофинансирана од ЕУ, Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ) и Австриското федерално Министерство за финансии, и е дел од Регионалната програма за енергетска ефикаснсот (РПЕЕ) за Западен Балкан.

Целта на програмата е да се поддржи регионот, познат по високиот енергетски интензитет, да се подобри енергетската ефикасност кај домаќинствата, кои се едни од најголемите потрошувачи на енергија.

До денес, околу 9.000 домаќинства на Западен Балкан ја подобрија сопствената енергетска ефикасност преку ГЕФФ програмата, преку инвестиции во проекти кои придонесуваат во намалување на над 10.000 тони јаглероден диоксид годишно, што е еднакво на отстранување на 6.000 автомобили на патиштата.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во С Македонија. До денес има инвестирано над 2,14 милијарди евра преку 148 проекти во земјата.

Поддршка на зелена енергија е приоритет за Банката, бидејќи преку тоа се решава еден од најголемите предизвици во земјата.