ЕБОР ги дефинира пакетите помош за земјите од Балканот

Европската банка за обнова и развој, работи на дефинирање на финансиски пакети помош за земјите од Балканот, преку кои ќе можат да се санираат последиците од поплавата во регионот.

Од денеска, претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти, е во тридневна посета на Белград. Целта на посетата е ЕБОР да ги зголеми своите активности на Балканот, со што би се придонело до подобрување на состојбата во локалните места.

Во соопштението, ЕБОР додава дека со новиот пакет за помош ќе помогне во реконструкција на локалната инфраструктура во регионот. Пакетот ќе биде во соработка со други меѓународни финансиски организации.

„Економската штета од поплавите може да биде многу голема. Штетата на патиштата и другите инфраструктурни објекти ќе доведе до значајни проблеми за населението и ќе влијае негативно на фирмите од погодените региони“, се вели во соопштението.

Делови од западна и централна Србија, делови од Босна и Херцеговина, како и источниот дел на Хрватска се под вода, што претставуваат реална опасност за соседните држави. Производството на електрична енергија само во Србија е намалено за 40 отсто.