ЕБОР: Пад на БДП-ата во сите региони за 3,5 проценти, закрепнување дури следната година

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) предвидува дека економијата во регионите каде е активна годинава ќе бележат просечен пад од 3.5 проценти заради економското влијание на пандемија на новиот коронавирус и дека следната година ќе имаат раст од 4.1 проценти.

Во Западен Балкан очекувањата се дека Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија да претрпат последици од нарушувањата на глобалните синџири за снабдување, заради своите силни производствени основи, покажува новото издание на Регионалните економски перспективи на ЕБОР.

Банката проценува дека како резултат на кризата со Ковид-19, бруто домашниот производ на Србија (БДП) оваа година ќе се намали за 3,5 отсто, по што земјата ќе заздрави во 2021 година со раст од шест проценти, се вели во соопштението на ЕБОР. Пандемијата ја наруши меѓународната трговија и принуди неколку големи производители во Србија привремено да го прекинат производството, наведуваат од ЕБОР. Закрепнувањето, додава ЕБОР, ќе зависи од постепеното олеснување на домашните мерки за борба против вирусот и враќањето на бизнисот во нормала во текот на втората половина од годината.

Економиите на Албанија и Црна Гора ќе бидат погодени заради големото потпирање на туризмот, додека економијата на Косово и некои други економии во регионот ќе бидат погодени од падот на дознаките, што ќе ја намали домашната побарувачка.

ЕБОР проценува дека хрватската економија, во 2020 година ќе опадне за седум отсто поради пандемијата, но во 2021 година би требало да следи брзо закрепнување со стапка од шест проценти.

Во март, е забележан пад на туризмот за 75 до 80 отсто, во споредба со минатата година во истото време,а  сличен пад се очекува и во вториот квартал, додека во третиот квартал  падот треба да биде за половина помал и да изнесува околу 30 проценти. Во исто време, рестриктивниме мерки влијаат и на побарувачката за услуги и трајни производи, а ЕБОР очекува и намалување на извозот на стоки, со оглед на големата изложеност на Хрватска со италијанската економија.

ЕБОР, исто така, предвидува годинава да има и пад на БДП од 3, 5 проценти за Турција, проследено со раст на шест отсто во 2021 година.

Во извештајот на ЕБОР, се предупредува дека овие проекции се предмет на промена поради „невидената неизвесност“.

– Доколку мерките за социјална дистанца останат на сила многу подолго од предвиденото, рецесијата би можела да биде многу подлабока, при што нивоата на БДП на жител за 2019 година нема да може да се достигнат со години, пишува во документот на банката.

Главната економистка на ЕБОР, Беата Јаворчик, истакна дека додека светот излегува од кризата, клучно е земјите во регионот да се насочат кон идната соработка и зајакнување на економската еластичност.

– Кризата беше огромен удар и излегувањето од истата ќе биде подеднакво предизвик. Ова не е време за економски национализам и протекционизам, туку време да се формира подобра иднина преку меѓународна посветеност за слободна трговија, ублажување на климатските промени и економска соработка, изјави Јаворчик

Во сите региони на ЕБОР, владините мерки за контрола на коронавирусот влијаат врз домашната понуда и побарувачка и ги натера економиите да страдаат од надворешни шокови, како што се остар пад на цените на стоките, притисок врз извозниците, нарушување на глобалните ланци на вредности, колапси на туризмот и дознаки.