ЕБОР треба да одобри 16 милиони евра за интерконекторот со Грција

На почетокот на следната година се очекува Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) официјално да одобри средства во висина од 16 милиони евра за кофинансирање во проектот за интерконекторот со Грција.

Ова е соопштено на средбата што министерот на финансии Фатмир Бесими ја имаше во Вашингтон со првиот потпретседател на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Јирген Ригтеринг и со директорката на ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа, Шарлот Руе.

-Со ова ќе се затвори финансиската конструкција за реализација на овој значаен проект за земјава за енергетска диверзификација. За реализација на овој проект се обезбедени средства од Европската инвестициска банка 25 милиони евра и грант од ВБИФ во износ од 12 милиони евра, информираа од Министерството за финансии.

Покрај ова, од ЕБОР се очекува и обезбедување финансиски средства за реализацијата на изградбата на гасоводот во земјата за делниците Свети Николе – Велес и Гостивар – Кичево.

На средбата, Бесими посочил дека ЕБОР е меѓу најголемите меѓународни поддржувачи на земјава во спроведување на приоритетните проекти за инфраструктурно поврзување, заштита на животната средина и енергетска независност и оти поддршката достигнала 2,5 милијарди евра, од кои најголем дел се во јавни проекти. Министерот го претставил и Планот за забрзан раст и можноста за инвестиции во проекти заедно со приватниот сектор, кои ќе придонесат кон закрепнување и забрзување на економскиот раст.

Поддршката на ЕБОР во земјава е присутна од 1993 година и досега е вклучена во 165 проекти. ЕБОР е најактивна меѓународна финансиска инститиуција во земјава со активно портфолио  во јавни инвестиции од над 800 милиони евра, од кои најголемиот дел во транспортниот сектор од над 500 милиони евра. Железничката пруга од Коридорот 8 кон Бугарија и  патниот правец Кичево-Букојчани се дел од проектите зад чија реализација стои Европската банка за обнова и развој. Дополнително, во наредниот период со поддршка од ЕБОР ќе се рализираат и проектот за регионални депонии, а за скоро време се очекува да биде ефектуиран и заемот за поддршка на ЕСМ, за справување со енергетската криза, кој треба да биде усвоен во Собранието.

Приоритетните проекти, можностите за инвестирање и енергетската криза беа тема и на средбата на министерот за финансии со претставници на Меѓународната финансиска корпорација – ИФЦ.

Средбите се одржаа во рамки на учеството на министерот за финансии на Годишните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.

(МИА)

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.