ЕЦБ ја осигурува доларската ликвидност во координација со групата централни банки

Европската централна банка (ECB) извести дека во координација со групата централни банки ќе ја зајакне ликвидноста во американски долари преку механизмот за размена на валути за да се осигури нормално финансирање по проблемите со банките во САД и во Швајцарија.

За да ја обезбедат ликвидноста во долари, централните банки на еврозоната, САД, Јапонија, Канада, Швајцарија и Велика Британија ќе им понудат на кредиторите финансирање со рок на доспевање од седум дена секој ден а не еднаш седмично, се наведува во соопштението на ECB.

Дневното финансира ќе им биде достапно на банките од понеделникот (20-ти март) најмалку до крајот на април, за да се поддржи нормално функционирање на пазарот и да се осигури ликвидноста за кредитирање на компаниите и домаќинствата, се додава во соопштението објавено во неделата вечерта.

Пазарите минатата седмица беа потресени од колапсот на американската „Silicon Valley Bank“ по неуспешниот обид да бидат покриени нереалните загуби на портфељот на државните американски обврзници. Финансиските власти решија на клиентите да им ги исплатат и неосигурените депозити, но проблемите искрснаа во уште две средни банки.

Кон средината на минатата седмица акциите на банкарскиот сектор ги стресе и објавата на најголемиот акционер на швајцарската банка „Credit Suisse“ дека нема да учествува во докапитализацијата по огромните загуби, поврзани со фаличниот механанизам за контрола и со проблематичните вложувања.

Швајцарските власти го „пресекоа“ проблемот со договор со најголемата домашна банка USB да го преземе потклекнатиот помал конкурент за три милијарди швајцарски франци.