Ед Дејви нов лидер на британските Либерални демократи

Британската опозициска партија Либералните демократи во четвртокот го избра Едвадр Џонатан Дејви, попознат како Ед Дејви, како нејзин четврти челник во последните пет години, кој вети дека ќе ја обнови партијата која на минатогодишните избори загуби голем дел од поддршката.

Либералните демократи, долги години беа третата политичка опција во Велика Британија, а веруваа дека на минатогодишните парламентарни избори ќе ги придобијат гласачите со своето противење на напуштањето на Европската унија, но на крајот добија само 11 пратеници, а нивната лидерка Џо Свинсон го загуби своето место во парламентот.

Но оваа партија порано беше незаобиколен политички фактор во Британија. Во владејачката коалиција со Конзервативната партија на тогашниот премиер Дејвид Камерон влегоа во 2010 година, во која Дејви од 2012 до 2015 година беше министер за енергетика и за борба со климатските промени, а дел од аналитичарите сметаат дека тоа ги чинело значителен дел од популарноста на неодамнешните избори.

Дејви ја победи ривалката Лалја Моран со 42.000 наспроти 24.000 гласови. Порача дека ги слушнал гласовите на избирачите кои на партијата ѝ го свртеа грбот на последните избори.

„Мојата работа од денеска е повторното градење на Либералните демократи, да станат важни на национално ниво“, порача Дејви по победата. Истакна притоа дека тоа нема да се оствари ниту едноставно ниту брзо, но дека „тешката работа започнува од денеска“.

Анкетите покажуваат дека на многу Британци повеќе не им е јасно за што оваа партија се залага, откако нивниот про-ЕУ став се покажа неуспешен на изборите кон крајот на 2019 година. Дејви сега се надева дека ќе ги придобие гласовите на оние кои се сѐ покритични кон управувањето со пандемијата од коронавирусот на конзервативниот премиер Борис Џонсон, како и левите гласачи кои ја напуштија Лабуристичката партија под водство на нивниот поранешен челник Џереми Корбин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.