Еден убиен и најмалку 42 Палестинци ранети во израелска операција

Најмалку 42 Палестинци се ранети а еден им подлегнал на повредетите во петокот во Појасот Газа од оган што го отвориле израелските безбедносни сили по протестите и судирите по должината на границата, соопшти министерството за здравство во палестинската енклава со која управува исламистичкото движење Хамас.

Четворица членови на медицински тим се меѓу лицата ранети во текот на педесетиот петок на протестите кои започнаа пролетта 2018 година, изјави портпаролот на министерството за здравство во Појасот Газа, Ашраф ал-Кодра.

Портпаролот на израелската војска соопшти дека околу 8.400 Палестинци, меѓу кои некои биле насилни, учествувале во протестите на повеќе места по должината на границата меѓу палестинската енклава и Израел. Некои демонстранти фрлале експлозивни направи и камења на војниците кои стражареле крај граничната ограда висока неколку метри, прецизирал. Некои Палестинци се обиделе да влезат на израелска територија, додал. Војниците возвратиле „според оперативна процедура која е на сила“, рекол.

Појасот Газа, кој е сместен меѓу Израел, Египет и Средоземното Море, од март 2018 година е место на седмични протести по должина на границата од коишто повеќето се проследени со насилство. Од тогаш најмалку 252 Палестинци се убиени во израелски оган, повеќето по должината на границата, а другите во израелските бомбардирања како одговори на ракетирањата од енклавата.

Во овие судири загинаа и двајца изралски војници. Израелската армија истакнува дека само ја брани својата граница и својата територија. Го обвинува Хамас, со кој трипати војуваше од 2008 година, дека ги организира протестите и дека ги искористува за непријателско дејствување против Израел.