Еден загинат, повеќемина повредени во прославата на европската титула во Италија

Italy’s supporters celebrate the victory of the UEFA EURO 2020 Championship at the end of the final against England (played at the Wembley stadium in London, UK) in Milan, Italy, 11 July 2021. ANSA/PAOLO SALMOIRAGO

Едно лице загина во Сицилија за време на прославата по повод европската титула што италијанската фудбалска репрезентација ја освои во неделата по триумфот над Англија во Лондон, објавија во понеделникот локалните медиуми.

Локалната полиција соопшти дека жртвата е 22-годишно момче, кое загинало во сообраќајна несреќа брзајќи на време да стаса на прославата во гратчето Калтаџироне.

За време на прославата низ улиците на северната престолнина Милано, повредени се најмалку 15 лица, од кои тројца потешко.

На југот на Италија, полицијата во градот Фоџа претпоставува дека платен убиец застрелал едно лице и побегнал на мотор искористувајќи го метежот предизвикан од прославата.

Локалните медиуми известија дека во оружениот инцидент тешко е повредено шестгодишно девојче, внука на застреланиот маж, кое со тешки повреди е пренесено во болница.