Единствена Македонија: Сите 63 советници на Заев се правно неписмени

Единствена Македонија изразува шокираност од непознавањето на законските прописи на големиот број советници на Зоран Заев во Владата на Република Македонија.
„Скандалозен е податокот дека според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (член 44) функцијата премиер и функцијата министер се неспојливи, а советниците на Заев во владата тоа не го знаеле.
Заев се избламира на отворена сцена со незаконското себеназначување за премиер и министер за финансии. Но, случајот е и голем меѓународен срам за државата оти на Заев во владата му делат памет правно неписмени советници кои не ги познаваат законите во државата, што само по себе е штетно и за националните и државните интереси“, се вели во денешното соопштение на партијата.
„Заев има 39 надворешни соработници со плата од 1.200 до 1.500 евра и заедно со посебните советници во неговиот кабинет чинат вкупно 63 советници и за кои годишно за плати се трошат 1,5 милион евра народни пари од буџетот. За време на власта на Заев во земјата владее безаконие, корупција и бесмилосен грабеж на народни пари од позиција на власт, фамилијарност, непотизам, партизираност при ангажирање на кадри во државните институции“, стои во соопштението.