Една доза од „АстраЗенека“ и „Фајзер“ значително ја намалува инфекцијата со коронавирусот

Ризикот едно лице да се зарази со коронавирусот е значително помал по примaње на една доза од вакцините на Астра Зенека и Фајзер, покажа британско истражување.

Вакцината дала добар одговор кај луѓе постари од 75 години и кај луѓе кои имаат хронични болести, како и кај други лица, јави Би-Би-Си.

Британската Служба за национална статистика (ОНС) и Универзитетот во Оксфорд утврдија уште посилен имунолошки одговор кај сите луѓе по две дози.

Истражувачите, поделени во две студии кои сè уште не се прегледани и објавени, ги темелеле своите резултати врз основа на тестови за коронавирусот кај 370.000 луѓе во Велика Британија, што е најголемата студија досега.

Во првата студија, луѓето кои биле вакцинирани со една доза на Астра Зенека или Фајзер имале 65 проценти помали шанси да се разболат од Ковид-19.

Три недели по првата доза, почнувајќи од декември 2020 година и почетокот на април 2021 година, бројот на симптоматски инфекции паднал за 74 проценти, додека бројот на асимптоматски инфекции паднал за 57 проценти.

Луѓето кои примале две дози на Фајзер имаат 90 проценти помали шанси да бидат заразени со коронавирусот, но процентот не може да се утврди за Астра Зенека затоа што малку луѓе учествувале во студијата, со оглед на тоа што интервалот меѓу двете дози е 12 недели, а и вакцинирањето со овој лек почна подоцна.