Анализи

Една година до британскиот скок во непознатото

Една година до британскиот скок во непознатото

Велика Британија на 29-ти март 2019 година на полноќ по средноевропско време официјално ќе престане да биде дел од Европската унија, што за многумина претставува скок во непознато а кој би требало да биде амортизиран во преодниот период.

Британската премиерка Тереза Меј во четвртокот започна со посетите на сите чинители на Велика Британија за една година пред излегувањето на земјата од Европската унија да разговара со нив за Брегзитот.

„Денеска, една година пред Велика Британија да ја напушти ЕУ и почне да го раскрчува новиот пат во светот, доаѓам во посета на четирите нации од Унијата за да чујам што луѓето ширум земјата мислат за Брегзитот“, изјави Меј во четвртокот во пресрет на еднодневната посета, објави Даунинг Стрит.

Премиерката своето патување по Велика Британија го започна во Шкотска, каде ја посети текстилната фабрика во Ејршир, потоа во Њукалс, во североисточна Англија каде што се сретна со група родители и деца. Ручаше со земјоделците близу Белфаст, престолнината на Северна Ирска, а потоа во Бери учествуваше на отворената дискусија со велшките претприемачи.

Тереза Меј тврди дека по Брегзит чинителките на Обединетото Кралство ќе имаат овластувања за одлучување кои досега ги имаше Брисел. Имајќи предвид дека една од спорните точки во преговорите со ЕУ е и прашањато на границата меѓу Северна Ирска, британската покраина која од 29-ти март 2019 година ќе излезе од ЕУ и Република Ирска, којашто ќе остане во ЕУ, Меј се обврзува дека ќе ја „штити целоста на Велика Британија“.

„Тоа значи дека мораме да осигуриме дека на нашиот заеднички внатрешен пазар нема бариери и дека Велика Британија имајќи предвид дека ќе биде способна да ги почитува своите меѓународни обврски“, рече Меј. Сигурна во „блескавата“ иднина, премиерката ја замислува иднината на Велика Британија која „слободно тргува со пријателите и со партнерите во Европа и надвор од неа“.

„Кога ја преземаме контролата над нашите закони, граници и пари и ќе ги искористиме можностите коишто ќе ни ги нуди Брегзит, Велика Британија ќе напредува како силна и единствена земја којашто ќе донесе полза за сите, без оглед дали сте гласале за или против Брегзитот“, додаде британската премиерка.

 

За една година Британија престанува да биде дел од ЕУ

„Не мораме да биде подготвени уште идната година, бидејќи имаме преоден период“, вели професорот по политичка економија на лондонски Кингс Колеџ, Ананд Менон.

„Раскинувањето е одложено“, додава неговата колешка Катарин Бернар, професорка по европско право на Универзитетот Кембриџ во анкетата на AFP. Вистинското прашање, додава, е „дали двата табора ќе бидат доволно подготвени на 31-ви декември 2020 година, кога ќе заврши преодниот период“.

Во текот на преодниот период, Велика Британија повеќе нема да учествува во носењето на одлуките во Еврпската унија, и натаму ќе има пристап до единствениот пазар но ќе мора да го изврши своите обврски во рамките на веќе договорената повеќегодишна финансиска рамка. Ќе биде задржана, исто така, и слободата на движењето на државјаните на земјите членки на ЕУ, што беше барањето на Брисел на кој премиерката Меј мораше да се согласи.

 

Конечниот договор е непознат

Меѓутоа, соочени со непознатото околу содржината на крајниот текст од договорот, доколку воопшто и го има сметаат некои аналитичари, британските компании во ваквата атмосфера на несигурност веќе започнаа да преземаат одредени мерки.

Според истражувањето на правниот советник Пинсент Мејсонс, повеќе од половината големи компании во Обединетото Кралство веќе донеле итни мерки, а една од нив предвидува селење на вработените на континентот. Оние, пак, коишто тоа уште не го сториле, се подготвуваат на тој чекор до крајот на годинава.

Од своја страна, министерството за финасии резервираше повеќе милијарди евра за подготовка на Брегзитот. Преодниот период нема да биде затворен доколку Лондон и преостанатите 27 земји членки на ЕУ не се договорат околу одредбата за разводот до октомври, кога би требало да биде постигнат сеопфатниот договор за излегувањето. Идните односи би требало да бидат дефинирани со декларација којашто, исто така, мора да биде потпишана до овој октомври. Или, како што порачуваат европските функционери „ништо не е договорено додека не се’ биде договорено“.

Лондон посакува да излезе од единствениот пазар и царинската унија, но и да ги задржи најтесните можни врски со ЕУ, меѓутоа оваа желба, како што се решителни сега во Брисел, на Лондон нема да му се оствари.

„Иако двете страни сакаат да го минимизираат негативниот ефект врз економијата…, ЕУ јасно назначи дека условите коишто ѝ се понудени на Велика Британија не можат да бидат подобри од оние коишто ги нуди членството во самата Унија“, истакнува Магдалена Френхофф Ларсен во Универзитетот Вестминстер.

 

Болното прашања на имиграцијата

Прашањето на ткн тврда граница меѓу британската покраина Северна Ирска и Република Ирска, којашто во иднина ќе биде единствената копнена граница меѓу Обединетото Кралство и Европската унија, и натаму е болен момент во разговорите меѓу двете страни.

Иако неволно, Лондон во рамките на договорот за повлекување ја прифати опцијата на „зеедничкиот регулаторен простор“ којашто ги вклучува ЕУ и Северна Ирска, барем додека на масата не се појави некои поинаков и поприфатлив предлог. Имено, северноирската унонистичка партија DUP, од чиешто учество зависи мнозинството на Тереза Меј во британскиот парчламент, на тоа не гледа благонаклонето.

Меѓутоа, без разлика на сеопштата атмосфера на несигурност и негативното влијание на Брегзитот врз економијата, како што е падот на вредноста на британската фунта и растот на инфлацијата, се чини дека британските избирачи не жалат поради својот избор.

„Многу повеќе гласаа за излегувањето од ЕУ поради политички а не од економски причини“, појаснува Ларсен, особено во прв план истакнувајќи ја волјата на Британците да ја вратат контролата над своите закони и да ја сопрат имиграцијата од европскиот континент.

Последните статистички показатели укажуваат на падот на доселувањето на државјани од земјите членки на ЕУ на Островот. „Доколку тој пад на имиграцијата продолжи, Брегзитот уште сега го постигнал посакуваниот ефект“, заклучува Ларсен.