Една година непреспиени ноќи, но нема да не скршат, да живее Република Македонија

Сестрата на Јане Ченто, обвинет за настаните од 27-ми април во македонското собрание,  и внука на Методија Андонов Ченто, Јасмина Алешковиќ, сподели сведоштво од најтешкиот ден, како што го нарекува, кога и го добила највознемирувачкиот телефонски повик во животот.

Денеска навршува точно една година од притворот на Ченто и останатите обвинети за тероризам за случајот 27-ми април.

Јасмина Алешковиќ на својот фејсбук профил порачува дека нема да го скршат ниту Јане ниту нејзиното семејство, нема да подлегнат на провокациите и гордо ќе чекорат пред народот со крената глава.

-28.11.2017, рано наутро 6,00 ч. телефонот и ѕвони на мојата мајка…”ало”, молк, “како?”, солзи и се собираат во очи, “ама како, кога, зошто?”…. Слушам, се плашам да прашам што било, грутка ми стои во грло. Поминуваат секунди, ми се чинеше тој молк од неколку секунди како часови, денови…”брат ти, брат ти го собрале”, “кој мамо” прашувам, “полиција, сабалјево во 5 ч.”, “како, ама зошто?”. Воздух снемав, за секунда прекинав да дишам. Го осеќам неговиот немир, братски, близначки. Не реагирам, не знам како. Дали да плачам, дали да бидам смирена, мајка ми да не ме гледа да реагирам да и биде потешко. Си реков во себе “смири се, биди силна, мораш”…..И така секој ден исто до ден денес. Една година. Биди силна, смирена, се ќе помине. Јане е силен. Јане е Јане. Човечиште. Големо срце јуначко ќе издржи. Една година, денес. Една година во исчекување, една година непреспиени ноќи, една година станувам со надеж секое утро дека денес ќе биде подобро, ќе биде нешто поразлично, една година прогон, една година со солзи во очите, една година немир во срце, растреперена душа, една година иста грутка во грлото од првиот ден што стои, една година родителски солзи во очи гледам, една година НАДЕЖ, една година цела. Сите празници, празнина се чувствува, солзи навираат, тешко е…Но, НИКОГАШ АМА БАШ НИКОГАШ, нема да не скршат, нема да го скршат духот на мојот брат Јане. Нема да подлегнеме на провокации, гордо ќе чекориме пред народот, гордо со крената глава… Им благодарам на сите од срце што оваа цела година беа моја, наша морална поддршка во овие тешки моменти. Благодарност до сите што придонесоа на кој било начин. Ви благодарам од срце. Да живее Република Македонија. Слобода за Јане Ченто, пишува сестрата на Јане Ченто.