Денес 27 земји – членки побараа јасно и недвосмислено Република Северна Македонија да добие нов импулс во европските интеграции за да продолжи на патот на реформите, за што сме им особено благодарни. Но денешниот Совет на ЕУ покажа дека и на Унијата ѝ е потребна реформа.
Една земја, чие клучно барање е да се напушти принципот на консензус при одлучувањето, денес го искористи ова право за да не дозволи заокружена одлука за старт на преговорите, напиша вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, откако земјата не доби датум за почеток на преговори.
Во продолжение, интегрално ја пренесуваме објавата на Османи:
Почитувани пријатели, поддржувачи, почитувани граѓани
Свесен сум дека изминативе неколку дена секој од нас, на одреден начин, беше под притисок на измешани чувства – на исчекување и надеж, но и на чувство на немир и тензија. И тоа е веројатно нормално, имајќи предвид дека европските интеграции се наша суштинска определба, а припадноста во европското семејство наша автентична ориентација.
Сакам да ве уверам дека на овој пат навистина направивме многу; направивме буквално сѐ што е во наша моќ и тоа ни го признаваат сите, буквално сите политички центри на моќ го признаваат напредокот на земјава. Од реформи со кои ја вративме довербата на граѓаните во институциите, до зрели политички компромиси со кои создадовме земја опкружена со соседи – пријатели.
И не е дека овој резултат не беше вреднуван. Стануваме 30та членка на НАТО – нашата најважна гаранција за стабилна и безбедна иднина; но минавме и во нова фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ со која институционално се поврзуваме со Унијата; го започнавме набљудувачкиот скрининг, а станавме и членки на Јадранско–Јонската група земји. Едноставно како земја навистина се вративме на евроатланскиот пат во најширока смисла на зборот.