Една жртва и четири повредени во судир со трактор кај Арачиново

Едно лице го загуби животот а уште четири други, од кои две се малолетни, се потешко повредени во судирот кој се случил во средата вечерта меѓу автомобил и трактор на регионалниот пат Скопје- Куманово, извести во четвртокот Министерството за внатрешни работи.

Во СВР Скопје вчера во 20.00 часот било пријавено дека во атарот на селото Арачиново, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“, со скопски регистарски ознаки, управувано од 28-годишиот М.М. од Арачиново и трактор „имт-533“, управуван од неговиот 62 годишен соселанец С.С..

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на тракторот, по што бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде околу 21.10 часот им подлегнал на повредите.

Со телесни повреди се здобиле возачот на патничкото возило, сопатничката од истото возило 24-годишната Е.М. од Арачиново и уште двајца малолетни сопатници од возилото, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.