Една жртва и еден исчезнат во ураганот Сјара во Шведска

Маж го загубил животот, а уште еден се води како исчезнат, од ноќта кон понеделникот откако нивниот чамец бил разбиен од силниот ветер со кој е проследен ураганот Сјара кој го погоди југот на Шведска, пренесува телевизијата SVT Nyheter.

Несреќата се случила во областа Свингунг во југозападна Шведска. Двајцата мажи биле во чамецот, кога налет на на силен ветер го оддувал пловилото на средина на езерото. Во операцијата за спасување биле ангажирани хеликоптер и нуркачи. Едниот маж бил извлечен од водата, но починал во болница во понеделникот утрото. Вториот сѐ уште се води како исчезнат.

„Не успеаја напорите да се спаси животот на настраданиот, операцијата за пронаоѓање на вториот маж продолжува“, изјавила портпаролката на локалната полиција.

Шведската метеоролошка служба (SMHI) претходно издаде предупредување поради силниот ветер и бурата Сјара, која ги погоди западните делови на Европа. Стихијата го блокираше југот на Шведска, каде што е запрен сообраќајот по магистралните патишта, а најавени се одложувања на летовите. Во понеделникот утрото 16.000 домаќинства останале без снабдување со електрична енергија.