Еднакво сме фокусирани и на домашните и на странските компании

Премиерот Никола Груевски денес ја посети општината Аеродром. По посетата тој истакна дека како Влада подеднакво се фокусирани на странските и домашните компании.

-Би рекол повеќе сме фокусирани на домашните, но така изгледа бидејќи одиме во странство да вршиме промоција. Дома немаме потреба да одиме од фабрика во фабрика да вршиме промоција бидејќи домашните компании ги сретнуваме секојдневно по стопанските комори, гледаат што се Владата прави во медиумите, односно сите нови мерки и тие знаат за тоа. Додека во Америка, Холандија, Германија, Англија не можат преку нашите медиуми да се информираат за најновите работи што ги правиме и нормално мора во нивните државни да извршиме презентација, истакна Груевски.

Премиерот додаде дека кога носат странски компании, фокусирани се и на вработување на лица од земјава. Странските компании се носат во земјава, како што рече, и за трансфер на технологии, но и за помош на домашните компании.

-Во првите седум месеци од оваа година имаме 24 милиони евра приходи на домашните компании од странките компании во Македонија. Странските компании кои дошле во Македонија купиле стоки и услуги од домашните компании во оваа вредност. Нашата претходна проекција беше дека 30 милиони евра во цела 2015 година е биде тој приход, но веќе во првите седум месеци е 24 милиони евра, што значи за цела 2015 веројатно ќе достигне 45, можеби и 50 милиони евра приходи на домашните компании од нивното работење со странските, објасни премиерот.

Груевски додаде дека користа од доаѓањето на странските компании е повеќестрана, се намалува невработеноста, се дава бизнис и работа за домашните компании, се носат нови технологии.