Едукацијата на децата – клучна за прилагодување на локалната заедница кон климатските промени

Секоја деценија обемот на земјоделското производство се намалува за 6%, што значи дека за секои 10 години ние имаме помали количини на храна. Според податоците на Обединетите Нации само во 2020 година бројот на луѓе во светот кои што немаат доволно оброци во текот на еден ден е зголемен за 20%. Во голем дел ваквите загрижувачки податоци се должат и на климатските промени, а сеуште најголемиот дел од населението во нашата држава смета дека не придонесува директно кон создавањето на климатските промени, а уште помалку презема мерки за ублажување на нивните ефекти.

Една од клучните активности со кои што може да се промени моменталната состојба кога се во прашање климатските промени е едукацијата. Рурална Коалиција помина два месеци во кампања и неформална едукација за климатските промени во земјоделството при што беа посетени над 30 села на целата територија, но за да може промената да се направи од корен потребно е за климатските промени да се говори, но и да се делува од најмали нозе.

Токму затоа во соработка со ООУ Кузман Јосифоски – Питу се спроведе практична едукација и работа на тема: “Климатска едукација – СЕГА и ВЕДНАШ!“ каде  што учениците од трето и четврто одделение имаа можност да слушнат што всушност значат климатските промени, како тие влијаат на призводството на храна, но и како може да делуваме кон ублажување и прилагодувањ кон ефектите кои што климатските промени ги создаваат, а кои што влијаат на нашето секојдневно живеење. Климатската едукација со учениците се спроведуваше во текот на месец ноември и декември, а се подготви и изложба на ликовни творби како децата гледааат на климатските промени и како ги разбираат истите.

“Климатските промени се една тема на која што мора многу посветено да се работи, како и да се зголемува фондот на часови и едукација на учениците на оваа тема, како би можеле да создадеме образовани, но и подготвени млади луѓе за акција за ублажување и прилагодување кон климатските случувања на кои што сме сите сведоци денес, а нашето училиште тоа настојува да го прави на секој можен начин, како што впрочем е и оваа акција организирана денес“, истакна директорката на училиштето, Илинка Анѓелеска.

“Ние сме првата генерација на луѓе која што ги чувствува ефектите од климатските промени, но и последната која што може да превземе нешто за да се ублажат ефектите, а во исто време и да се прилагодиме на новите климатски услови и да продолжиме со она најважното, а тоа е  производството на храна кое што за жал како што доаѓаат годините ќе биде се помало, а земјоделските производи се поскапи. Токму затоа ни се потребни ваквите акции и соработки за да може реалните случувања и можности за делување на оваа тема да ги пренесеме и во образовниот процес и при тоа истите да станат пракса во сите образовни институции, затоа што младите се тие кои што ги потикнуваат, но и ги носат промените со себе, а најдобро на нивната свест може да влијае од најмали нозе, па така нашата крајна цел е воведување на редовна и задолжителна едукација за клима и климатските промени како посебен наставен предмет“, напомена Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.

Во таа насока, како и заради заедничките заложби Рурална Коалиција и ООУ Кузман Јосифоски – Питу денес потпишаа и меморандум за соработка во кој што се обврзаа и понатаму редовно да работат на заеднички едукативни активности на полето на климатските промени, но исто така и на сите останати теми кои што се поврзани со производството на храна и создавањето на одржлив развој во заедницата.

Едукативната кампања е дел од проектот “Климатска акција за климатските промени во земјоделството“ кој што Рурална Коалиција го спроведува со финансиска поддршка на Фондација Отворено Општество – Македонија, а годишниот план за работа на Рурална Коалиција е поддржан од Цивика мобилитас.

Цивика мобилитас е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество во Македонија, која ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска