Ефтимов: Како предлагач ми се ускратува можноста во 10 минути да ја образложам потребата од итноста на измени во Законот за земјоделие и рурален развој

Пратеникот во македонското Собрание од ВМРО-ДПМНЕ, Дајанчо Ефтимов упати обвинувања до собранискиот спикер дека му го ускратува правото, како предлагач на Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за земјоделство и рурален развој, во време од десет минути на собраниската говорница да го образложи измените и дополнувањата.

Тој се повикува на членот 70 од Деловникот за работа на Собранието, по кој што предлог законот е уредно доставен заедно со материјалите во писмена форма, кои стигнале и до пратениците.

„Се повикувам на член 70 од Деловникот за работа во Собранието на Република Македонија каде што во став еден се вели дека предлагачите на законот се должи да поднесат материјал во писмена форма и да ја образложат итноста во траење од 10 минути. Сакам да ви потенцирам дека сакам времето да биде десет минути, бидејќи Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој е доставен до вас и во 13 часот и 53 минути имаме доставено порака дека материјалите се доставени до пратениците. Тоа значи дека се исполнети сите услови од членот 70 за да се постапи согласно членот и да имам право, десет минути да го образложам овој предлог на закон“, рече Ефтимов.

На пратениците од мнозинството им рече дека ова, како скратувањето на неговото право за образложување на измените и дополнувања, го прават за да ги заплашат и да ги манипулираат граѓаните, а со тоа и земјоделците кои што обезбедуваат храна во Македонија.

Додава дека со измените и дополнувањата на Законот за земјоделие и рурален развој кои што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ, ќе се овозможи оризот, како една од најзначајните земјоделски гранки, да стане стратешка земјоделска култура и оризот да стане дел од стоковите резерви на Македонија.

„Ова е тоа зошто се плашите, ги манипулирате граѓаните и сакате набрзина да донесете одредени законски решенија, кои што после тоа во текот на една година ги менувате по пет по шест пати. Ова е тоа што сакате парцијално, сите граѓани кои што обезбедуваат храна во Република Македонија да ги ставите во недоумица и секогаш да ги држите под ваша контрола, бидејќи секогаш се појавуваат кризни состојби во земјоделието. Конкретно со овој предлог на закон се предвидува оризот да стане стратешка земјоделска култура со што ќе се олесни и откупот, а со тоа и државата ќе обезбеди основни основни продукти за стокови резерви кои што на граѓаните ќе им бидат на располагање во моменти кога ќе има потреба“, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дајанчо Ефтимов на денешната собраниска седница.