Египетските власти осудија на смрт 37 луѓе

Египетски суд денеска осуди на смрт 37 луѓе, вклучувајќи го и еден од најбараните милитанти во земјата, по обвиненија за тероризам.

Кривичниот суд во Каиро соопшти дека тие се осудени по тужба за припадност на локална група на Исламската држава, која го предводела бунтот на египетскиот Синајски Полуостров.

Меѓу осудените на смрт се наоѓа и милитантниот лидер и поранешен воен офицер Хишам ел-Ашмави, кој во 2018 година во Либија бил заробен од силите лојални на генералот Калифа Хафтар, близок сојузник на Египет. Ел-Ашмави бил најбараниот војник во Египет поради неговата разузнавачка вредност. Во ноември е осуден на смрт и пред Воениот суд.

Осудените се товарат за повеќе од 50 напади, кои вклучуваат убивање на високи полициски службеници, бомбашки напади врз полициска станица во Каиро, како и обид за атентат на премиерот на Египет.

Судот, исто така, изрече и 61 доживотна казна затвор, а 85 луѓе се осудени на казни од пет до 15 години затвор. Сите осудени имаат право на жалба пред Виш суд.