ЕК го одложи носењето план за координирано укинување на вонредните мерки

ANSA/LUCA ZENNARO

Европската комисија го одложи за средата најавеното усвојување на планот за координирано и постапно укинување на вонредните мерки воведени во земјите членки на Европската унија поради пандемијата на коронавирусот.

Челниците на земјите членки на својот последен виртуелен самит на 26-ти март, побараа од ЕК како извршно тело на Унијата да започне да подготвува излезна стратегија. Со тоа би се избегнало секоја земја членка да ги повлекува своите мерки, неводејќи сметка за тоа што, како и кога тоа го прават другите членки.

Портаролот на ЕУ на видео прес-конференцијата во вторникот најави дека Комисијата на редовниот седмичен состанок ќе расправа и ќе усвои план за координирано укинување на вонредните мерки и постепено враќање во нормална состојба. Додаде и дека претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, потоа ќе одржи конференција за медиумите.

Но во вторникот вечерта новинарите биле известени дека има промена во дневниот ред и дека за тој план само ќе се дискутира, а оти ќе биде усвоен подоцна

Според сознанијата на медиумите, промената се случила поради тоа што некои земји членки се пожалиле дека никој околу тоа не ги консултирал.

Најавата на ЕК дека споменатиот план ќе биде предложен во средата, следи откако некои членки, како Данска и Австрија, најавија дека постепено ќе ги попуштаат мерките донесени со цел да се сузбие пандемијата.