Џек Ма по три месеца првпат се појави во јавноста

Џек Ма, основачот на групацијата за интернетско тргување „Alibaba“, кој во јавноста не е виден веќе подолго време, во средата на видео-конференција се сретна со 10 учители од руралните области, пренесува Reuters и потсетува дека станува збор за прво појавување на милијардерот и технолошкиот могул од крајот на ланскиот октомври.

На основачот на популарната компанија за купувања преку интернет му се загуби секаква трага откако на конференцијата во Шангај ги критикуваше кинеските државни банкари и кој глобалните финансиски закони коишто ги спроведува Пекинг ги нарече „клуб на стари луѓе“. Во средата Џек Ма се појави во 50 секунди долгиот видео-инсерт од состанокот по повод доделувањето на наградата за учителите во руралните области.

И веднаш откако Ма се појави во јавноста, акциите на неговата моќна електронска компанија којашто ја нарекуваат „кинескиот Amazon“ скокнаа на берзата во Хонгконг.

Облечен во морнатски пуловер, Џек Ма во видеото директно зборува од соба со сиви мраморни ѕидови и тепих на ленти и им се обраќа на учителите по повод наградата „Jack Ma Rural Teachers Award“. Минатите години ги примаше учителите на свеченоста во организација на неговата фондација „Jack Ma Foundation“ во крајбрежниот град Санја.

„Не можеме да се состанеме во Санја поради епидемијата. Кога епидемијата ќе мине, мораме да најдеме време сите да дојдете во Санја и да се сретнеме во живо“, рече Џек Ма во својот говор во кој не спомената ништо за тоа каде се наоѓа во изминатите три месеца.

Веста за неговото појавување во јавноста доаѓа во моментот кога е објавено дека „Alibaba“ планира да собере најмалку пет милијарди американски долари од продажба на акциите номинирани во американскиот долар. Агенцијата Reuters пишува дека од продажбата на акциите би можел да заработи дури осум милијарди долари, кои Џек Ма веројатно ќе ги искорист за општи корпоративни трошоци.