ЕК: Македонија на задоволително ниво продолжува да ги исполнува политичките критериуми

Европската Комисијата денеска по шести последователен пат препорача Македонија да ги започне пристапните преговори.

Во делот од заклучоците кој се однесува на политичките критериуми е нагласено дека Македонија продолжува да ги исполнува политичките критериуми на задоволително ниво за членство во ЕУ.

-Комплетирани е огромен дел од реформите во судството, при што земјата е усогласена на високо ниво, според нивото во односите со ЕУ на кое се наоѓа во моментов. Потребни се напори, на позицијата и опозицијата, за враќање на политичкиот дијалог во Собранието на РМ, се вели во заклучоците.

Комисијата во извештајот нотира дека фокусот на реформите треба да се насочи кон натамошни реформи и интервенции во делот на изборниот процес, медиуми, јавна администрација, квалитетот на судството и зајакнување на довербата во меѓуетничките односи, вклучително и натамошна имплементација на ОД.

-Македонија игра проактивна и позитивна улога во делот на регионална соработка, но прашањето на разговорите со Грција околу името, има влијание на односите со таа земја членка на ЕУ, поради што се очекува продолжување на преговорите под покровителство на ОН за изнаоѓање на меѓусебно прифатливо решение, се вели во Извештајот.

Комисијата останува на ставот дека доколку започнеше со скрининг постапката и дискусија во Советот за Преговарачката рамка на пристапните преговори, ќе се креираше позитивен моментум и како основа за изнаоѓање на решение околу името, пред отварањето на преговорите по поглавја.