ЕК: Медицинската индустрија треба целосно да се посвети на борбата против Ковид-19

Европската унија го одложи за една година спроведувањето на регулативата за медицински уреди, со што се ослободува енергијата и ресурсите на медицинската индустрија за таа да се посвети целосно на предизвикот од коронавирусот, порача Европската комисија (ЕК).

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, регулативата на ЕУ за медицински уреди требаше да почне да се имплементира на 26 мај годинава, но ЕУ институциите оценија дека во контекст на санитарната криза, притисокот врз здравствениот сектор како и врз властите и економските оператори може да ја загрози борбата против пандемијата.

Оваа регулатива има за цел да ги олесни правилата на внатрешниот пазар на ЕУ во однос на медицинските уреди и направи и да обезбеди висок степен на заштита за пациентите и јавното здравје.

-Го поздравувам усвојувањето во рекордно време на Европскиот Парламент и Советот да се одложи за една година примената Регулативата за медицински уреди. Решени сме медицинската индустрија да ги вложи сите свои напори во она што ни е сега потребно: помош во борбата против пандемијата, изјави еврокомесарот Маргаритис Схинас.

Амандманот изгласан од Парламентот и Советот “ја зема предвид потребата за поголема достапност до витално потребни медицински реди ширум ЕУ и истовремено продолжува да ги гарантира здравјето и безбедноста на пациентите“, нагласува Европската Комисија.

-Ова е јасен доказ за нашата одлучност да се справиме со пандемијата преку сите можни средства, истовремено зачувувајќи ја безбедноста на пациентите како наша врвна цел, изјави еврокомесарката за здравство, Стела Кирикидес.

ЕК објаснува дека здравствената криза ја зголемува потребата од одредени медицински уреди и дека е потребно да се избегнат било какви недостатоци или доцнења во набавките поради тоа што властите би биле ограничени во нивниот капацитет да се произнесат за усогласеноста и квалитетот на производи, како што налага регулативата.