ЕК му најде друга работа на функционерот по скандалот со финансирање патувања

Директорот на Директоратот за мобилност и транспорт на Европската комисија, Хенрик Хололеи, е преместен на друга функција, објави портпаролот на Комисијата по скандалот предизвикан со спорното финансирање на неговите патувања во Катар.

„Колегиумот (на комесарите) одлучи, на негово барање, да го назначи генералниот директор за мобилност и транспорт Хенрик Хололеи… на позицијата советник во генералната администрација за меѓународно партнерство од 1-ви април“, рече Мамер.

Тоа не е дисциплинска мерка, туку преместување на работно место со исти услови, потенцираше портпаролот на кадровското одделение на ЕК.

Хололеи не одговорил веднаш на барањето на Reuters за коментар за одлуката.

Весникот Politico во февруари откри дека Хололеи летал девет пати бесплатно во бизнис класата на катарската воздухопловна компанија „Qatar Airways“ меѓу 2015 и 2021 година, што подоцна го потврди. Трошоците за два лета ги сноси Катар, а другите ги платиле лобистички здруженија и организаторите на конференциите, објави Politico.

Европскиот омбудсман Емили О’Рајли побара од претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, информации за финансирањето на службените патувања, предупредувајќи ја на зголемената чувствителност на јавноста по корупцискиот скандал во Европскиот парламент. Хололеи летал бесплатно со „Qatar Airways“ во време кога неговата администрација преговарала за договорот за воздушен сообраќај со Катар.

„Веќе спомнав во кореспонденцијата со Европскиот парламент дека ваквите скандали се подарок за оние кои би сакале да и наштетат на ЕУ или да и наштетат на нејзиниот углед“, нагласи О’Рајли.

Комисијата одговори дека патувањата биле одобрени затоа што Хололеи не бил дел од преговарачкиот тим, додавајќи дека не откриле конфликт на интереси.

„Јавноста можеби нема да ја види таа разлика, бидејќи извршниот директор, во крајна линија, е одговорен за тие преговори“, возврати О’Рајли.

Сепак, Комисијата одлучи да ги разгледа насоките за финансирање на службени патувања и на почетокот на март портпаролката Дејна Спинант рече дека стапуваат на сила нови, построги прописи за службени патувања, кои делумно или целосно се финансираат од надворешни извори.

Според новите прописи, патувањата на функционерите, со исклучок на самата Комисија, можат да ги финансираат само членки на ЕУ, членки на групите Г7 и Г20, земји од Европската економска зона, Европската зона за слободна трговија (EFTA) и Обединетите нации.

Патните трошоци може да бидат на товар и на универзитетите, но само ако службениците патуваат за предавања или други академски активности. Сите останати официјални патувања ќе бидат финансирани исклучиво од Европската комисија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.