Немаме правни забелешки против кревањето огради долж границите на ЕУ, но тоа не е трајно решение, затоа што само ги пренасочува мигрантските потоци, изјави на прес конференција во Брисел портпаролот на Европската комисија, Наташа Берто, како одговор на прашањето по повод кревањето огради од страна на Унгарија, Бугарија и Шпанија, пренесува МИА.
Нормално е државите да имаат законодавство против неправилното минување на нивните граници, додаде таа по повод законските измени во Унгарија.
Додека не се преземат мерки за решавање на мигрантската криза на ниво на ЕУ, државите може да преземаат самостојни активности за да утврдат кој влегува на нивна територија, појасни Берто.
Таа дополни дека државите од ЕУ се должни да ги регистрираат мигрантите при нивното пристигнување, да им земаат отпечатоци од прстите и да им предложат да поднесат барање за добивање на статус на азилант.
Според шенгенските правила, на мигантите може да им се наметнуваат забрани за влез во просторот без гранична контрола доколку прекршат некое од правилата, прецизира Берто за одлуката на Унгарија на некои мигранти да им стави „едногодишни црни печати“.
Државите долж надворешните граници на Шенген се слободни да прават што ќе преценат дека е неопходно за да го зачуваат редот, наведе портпаролката.