Европската комисија синоќа излезе со соопштение по повод посетата на комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан на Македонија и неговото посредување меѓу политичките партии во земјата со цел договор за смирување на политичката состојба.
Како што јавува MИА, во соопштението на Еврокомисијата се наведува дека вчера во Скопје, Хан се сретна со премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, а со цел да ги продолжи разговорите за да се најде решение за тековната политичка криза.
– Разговорите беа конструктивни, изградени врз основата на разговорите што се одржаа во Стразбур во Европскиот парламент (заедно со тројцата европратеници) пред две недели. Сите партии се обврзаа да ги постават најпрво интересите на граѓаните и на сите заедници во земјата. Тие ја потврдија својата посветеност на евро-атлантскиот процес и на демократските принципи, зајакнување на меѓуетничките односи и подобрување на добрососедските односи, вели неформалната влада на Европската унија во соопштението.
Според ЕК, голем број на конкретни мерки биле дискутирани и договорени меѓу Хан и македонските политички лидери, а во однос на решавање на критичните предизвици со кои се соочува земјата.
– Голем број на точки ќе треба да бидат дополнително разработени и договорени во текот на следните неколку дена, а во таа смисла, комесарот побара набрзо да ги финализираат разговорите со лидерите. Од суштинско значење е обврските што беа преземени од страна на партиите, во иднина да се спроведат во добра волја, посочува Европската комисија.
На крајот од соопштението на официјален Брисел, се посочува на изјавата што еврокомесарот за преговори за проширување ја даде по средбата во Скопје со Груевски, Заев, Ахмети и Тачи, во која Хан порача дека е постигнат договор со цел добробит на Македонија и на нејзината евро-атлантска иднина:
– Ние мораме да работиме и во вашата земја во духот на соработка, на неопходниот политички компромис, со цел да се добие потребниот баланс меѓу различните сили и меѓу различните групи во општеството и тоа е причината зошто ние се согласивме да се предвиди еден вид на транзициски период. Договорено е дека до крајот на април следната година треба да има предвремени избори, но важно е земјата да се подготви. Станува збор солиден Изборен законик, проверка на Избирачкиот список, почитување на правата на заедниците. Ќе биде уште поважно да се прифатат сите препораки што се дадени од страна на Европската комисија, кога станува збор за независноста на судството. Ние се согласивме да се примени методологијата што обично се користи кога се преговара за поглавјата 23 и 24, се работи за владеење на правото, независност на судството, слобода на медиумите, гласеше главната порака на комесарот Хан, што ја испрати по вчерашната средба со македонските политички лидери во Скопје.