Германската влада доби во петокот одобрување од Европската комисија за државно преземање на потклекнатиот увозник на гас „Uniper“, откако компанијата извести дека дневно губи и до 200 милиони евра, бидејќи е принудена поскапо да го набавува гасот.
Европската комисија „заклучи дека предложената аквизиција не би предизвикала загриженост за пазарната конкурентност“, соопштија во петокот од Брисел.
Германскиот увозник на гас дојде во финансиски проблеми откако Русија драстично ги скрати испораките на енергенсот во Германија, па беше принуден за купува гас од други извори по повеќекратно повисоки цени.
Во септември германскиот министер за економија Роберт Хабек ги најави плановите на владата да стане мнозински акционер во „Uniper“, кој досега беше во сопственост на финската компанија „Fortum“, за ослабениот увозник на гас го спаси од инсолвентност и да спречи загрозување на севкупното снабдување на Германија со гас.
Се проценува дека овој потег владата во Берлин ќе ја чини повеќе од 30 милијарди евра. Се очекува и дека на почетокот од следната седмица преземањето ќе го одобрат и сегашните акционери на „Uniper“.
Овој енергетски гигант беше најголемиот германски увозник на гас од Русија, а со енергенсот снабдува повеќе од 100 германски општини и неколку големи компании, па растеше загриженоста дека колапсот на „Uniper“ би можел да ја загрози и економската одржливост на неговите клиенти.
Владата во Берлин ќе ги откупи сите акции на фински „Fortum“, со што германската држава ќе стане сопственик на 98,5 отсто од акциите на „Uniper“. Германија, исто така, има намера да го зголеми капиталот на „Uniper“ со финансиска инјекција од 8 милијарди евра, а планира да привлече уште 25 милијарди евра со издавање на дополнителни акции по преземањето. А Европската комисија сѐ уште може дополнително да ги објави условите за државната поддршка.