ЕК: Политичките лидери да се вратат на маса

Европската комисија денеска ја поздрави одлуката на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, да ја повлече аболицијата за сите лица инволвирани во скандалот со прислушувањето што создаде политичка криза кojaшто трае повеќе од година и пол во земјата.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, по синоќешното поздравување на одлуката на Иванов од страна на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан преку социјалната мрежа „Твитер“, денеска портпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчиќ, порача дека „сега останува политичките лидери да се вратат на маса за имплементација на договорот од Пржино“.

– Ќе започнам со реакцијата на одлуката на претседателот Иванов, ја видовте и реакцијата на комесарот во која тој експлицитно ја поздрави одлуката за конечно да се повлечат сите помилувања, бидејќи очигледно ова е чекор што дозволува правдата повторно да се врати во нормален тек и Специјалниот обвинител да продолжи со работа. Но, очигледно многу време е загубено и сега е поитно од секогаш за политичките лидери да се вратат на маса за имплементација на договорот од Пржино на инклузивен принцип. Посебно e потребна брза и кредибилна акција за да се спроведат итните реформски приоритети и за земјата да се движи во вистинска насока, а тоа е кон владеење на правото и кон евроатлантскиот пат, истакна Коцијанчиќ.

На прашањето дали е можно токму комесарот Хан да пристигне во Скопје или да ги повика Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи во Брисел на последни преговори за ставање крај на политичката криза во Македонија, гласноговорничката на неформалната Влада на Европската унија со одговор:

– Јасно е дека е преземен еден чекор, но се уште имаме уште многу чекори што треба да се случат, а договорот од Пржино е суштината и ЕУ е подготвена за понатаму да ги посредува напорите. Но, пред се, клучната одговорност е кај политичките лидери на земјата, додаде Маја Коцијанчиќ.