ЕК предлага казна за Унгарија со замрзнување на помошта од 7,5 милијарди евра

Европската комисија во неделата му предложи на Советот на Европската унија за замрзнување на 65 отсто или 7,5 милијарди евра од заедничките средства на ЕУ за Унгарија под изговор за наводна корупција и проблеми со владеењето на правото, а Будимпешта има можност тоа да го избегне доколку во следните три месеца ги отстрани причините за оваа одлука.

Оваа одлука без преседан во целото постоење на ЕУ е донесена во времето на критиките на Унгарија дека европските санкции против енергенсите од Русија поради војната во Украина се носени невнимателно и на штета на самите земји членки.

Европската комисија вонредно се состанала во неделата наместо во средата, која вообичаено се одржуваат средбите на ова извршно тело на ЕУ, бидејќи претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и неколку еврокомесари следната седмица ќе престојуваат во Њујорк, на Генералното собрание на Обединетите нации.

Одлуката, исто така, е донесена во рамките на нововоспоставениот механизам со кој користењето на средствата од фондовите на ЕУ се условува со почитување на владеењето на правото. Унгарија и Полска, чии суверенистички влади се особено на ударот на ЕК, при носењето на овој механизам забележаа дека тој се однесува само за централноевропските и источните членки на ЕУ, иако такви примери има и во западните членки но никогаш тоа не се критикува.

Со уредбата, којашто досега никогаш не е користена, му се овозможува на Советот на ЕУ на барање на Европската комисија, да донесе, меѓу другото, мерки како што се суспендирање на исплатите со кои се финансираат од буџетот на Унијата или суспендирање на една или повеќе програми финансирани од заедничкиот буџет.

Комисијата му предлага на Советот на ЕУ, односно на државите членки, замрзнување на 65 отсто од средствата од три оперативни програми на кохезиската политика од 2021 до 2027 година. Според комесаријатот за буџетот, станува збор за околу 7,5 милијарди евра.

ЕК во април годинава покрена постапка против Унгарија во рамките на тој нововоспоставен механизам кој ја централизира контролата на Брисел врз земјите членки а со кој користењето на средствата од фондовите на ЕУ се условуваат со почитувањето на правото. Потоа следеше размена на неколку писма меѓу Брисел и Будимпешта која тврди дека не ги прекршила воспоставените прописи во Унијата.

Европската комисија наведува дека во тие писма Унгарија се обврзала дека ќе донесе мерки кои би требало да ги отстранат причините за замрзнувањето на користењето на фондовите.

За најавените мерки Брисел да ги смета применети, тие би требало да го овозможи „престанувањето на кршењето на начелото на владеењето на правото и ризикот што тоа го претставува за буџетот на ЕУ и финансиските интереси на Унијата“. ЕК заклучила дека најавените „корективни мерки во принцип би можеле да се решат доколку се донесат соодветни закони и доколку тие закони се спроведуваат“.

ЕК тврди дека Унгарија се обврзала дека до 19-ти ноември ќе поднесе конечен извештај за исполнувањето на клучните спроведени чекори.

„Во меѓувреме Комисијата ќе ја следи ситуацијата и ќе го известува Советот за сите релевантни елементи кои би можело да влијаат врз нејзината моментална процена“, наведува Европската комисија.

Комисијата „особено ја загрижуваат недостатоците во системот на јавни набавки.“

Унгарската влада во саботата повторно најави дека парламентот во Будимпешта следната седмица ќе гласа за цела низа закони кои би требало да ги отстранат причините за замрзнување на фондот. К

Конечната одлука за овој предлог на ЕК ја носи Советот на ЕУ, односно државите членки, со квалификувано мнозинство.

 

Највисокиот Судот на ЕУ кон средината на февраури ги отфрли тужбите на Полска и Унгарија против воведувањето на европскиот механизам кој предвидува запирање на исплатите на парите од европските фондови поради нарушување на владеењето на правото. Брисел го воспостави споменатиот механизам за да ги критикува владите во Будимпешта и Варшава за наводно кршење на владеењето на правото кое е на сила во ЕУ.

Оваа пресуда е без преседан и се смета за историска за да служи за идни постапки за парично казнување на државите членки на ЕУ кои би го кршеле принципот на владеење на правото, како што се на пример, мешњато и влијанието на владата врз правосудството. Но во ЕУ има забелешки што некои земји членки никогаш не се ниту критикувани на оваа тема и покрај очигледните нарушувања на таквите принципи.

Варшава и Будимпешта поднесоа поединечни тужби во Судот на Европската унија во кои бараа да се поништи таквата Уредба, тврдејќи дека тоа е спротивна на Договорот за ЕУ. Нивното побивање, меѓу другите причини, се темели на непостоењето или несоодветноста на правна основа на одбрана од Уредбата, нејзината неусогласеност со Договорото за ЕУ.

На Унгарија и Полска сѐ уште не им е одобрен национален план за закрепнување и отпорност, иако уште пред неколку месеци ги предале своите планови во Европската комисија. Според одредбата на Брисел за закрепнувње и отпорност, Полска требаше да добие 36 милијарди евра, а Унгарија 7 милијарди евра, а тие средства веќе беа замрзнати.

Поради таквите потези на Брисел, двете земји првично го блокираа носењето на планот за закрепнување на ЕУ од пандемиската криза, но на крајот компромисно се согласија на одложување за примената на механизмот за условеноста од пресудата на Судот на ЕУ. Варшава и Будимпешта подолг период порачуваат дека приговорите на Европската комисија се идеолошки мотивирани и дека задираат во државниот суверенитет.