ЕК предложи горна граница на гасот во месечните договори

Европската комисија предложи во вторникот воспоставување корективен пазарен механизам, кој би бил активиран кога цената на холандската берза на гасот TTF, најголемиот гасен хаб на континентот, две седмици ќе биде над 275 евра по мегават/час и 58 долари повисока од референтната цена на течниот природен гас (LNG) десет последователни дена во текот на две седмици.

Корективниот пазарен механизам се смета за одговор на Европската комисија на барањето на повеќе од половината членки на Европската унија да бидат ограничени цените на гасот, кои од есента минатата 2021 година повеќепати постигнуваа историски рекордни нивоа и десеткратно повисоки од дотогашните, но Брисел за тоа ја обвинува војната меѓу Русија и Украина.

Овој привремен механизам, кој би бил воспоставен од 1-ви јануари 2023 година и ограничен на една година, има цел да ги ограничи цените на месечните договори за испораките во текот на следниот месец на холандскиот пазар на гасот TTF, кој служи како референца за повеќето трансакции во ЕУ.

Според замислите на ЕК, корективниот механизам со кој би се ограничиле цените на гасот би де активирал само во случај на прекумерно зголемување на цените, што не е условено со пазарни причини. Главната цел на овој механизам би била одвраќање од вештачко подигнување на цените на гасот, што понекогаш е практика на трговците на гасниот пазар за да го зголемат својот профит.

„Тука не станува збор за интервенција на пазарот за да се фиксираат цените на вештачки ниско ниво. Овој механизам за крајна нужност, за спречување на случаите на прекумерно високите цени, кои не се во согласност со движењето на цените на глобалниот пазар“, изјави еврокомесаркарта Кадри Симсон.

Според предлогот на ЕК, механизмот би можело да биде деактивиран во секој момент доколку би довеле до нарушување на пазарот, на пример во случај кога произведувачите ќе ги пренасочат своите бродови со LNG кон пазарите кои би плаќале повеќе, што би довело до недостиг во Европа. Токму тоа се случи ланската есен, кога европските трговци ги испразнија своите складишта и ги пренасочуваа испораките кон поскапите пазари во Азија и Јужна Америка чии стопанства први се отворија по пандемијата на коронавирусот.

Моменталната договорна цена на TTF е околу 120 долари за мегават/час, а во август ја достигна сумата од повеќе од 340 долари за мегават/час.

Според идејата на ЕК, месечните договори коишто би надминувале 275 долари по мегават/час, не би биле дозволени. Годинава месечните договори не ја надминувале сумата од 275 долари по мегават/час, освен неколку дена кон крајот на август.

За овој предлог ќе дискутираат министрите за енергетика на 27-те земји членки на ЕУ, коишто во четврток ќе се сретнат во вонредниот состанок во Брисел.