ЕК: Рестриктивните мерки треба постепено да се укинуваат

(Photo by Leon Neal/Getty Images)

Европската комисија (ЕК) денеска ги презентираше своите препораки до земјите членки на ЕУ за укинувањето на рестриктивните мерки и мерките на изолација и бара тоа да се прави постепено за да се избегне ново избувнување на епидемијата, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Европската комисија не препорачува еден модел на укинување на мерките, туку бара од властите во земјите членки на ЕУ внимателно да ги следат советите на епидемиолозите и да ги прилагодат мерките на сопствената ситуација, имајќи предвид дека секоја земја се соочува со различен интензитет на епидемијата.

Но, ЕК инсистира да биде навремено информирана за мерките што ги планираат земјите и, пред сѐ, да се соработува од блиску со соседните држави.

Препораките на Комисијата се темелат на три столба, рече Фон дер Лајен: солидна епидемиолошка анализа, обезбедување на доволен капацитет на здравствениот систем и ефикасен систем на мониторинг на граѓаните, главно преку широко тестирање на населението.

-Земјите членки побараа од нас да изготвиме патоказ за излез од мерките за изолација, тоа го испорачуваме денеска, но ова не е знак дека мерките може сега да се укинат, рече претседателката на ЕК.

Фон дер Лајен, заедно со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, се осврнаа и на социоекономските последици од оваа санитарна криза.

Европската Унија до денешен ден нема усогласено буџет за идниот седумгодишен финансиски период.

Мишел и Фон дер Лајен нагласија дека идната повеќегодишна финансиска рамка за која земјите членки треба да се договорат ќе одигра “централна улога“ во справувањето со последиците од кризата.

До сега европските институции донесоа неколку одлуки кои би требало да ги ублажат ефектите од рецесијата што следува, како што е олеснувањето на буџетските правила за земјите членки и на правилата за државна помош, додека пак земјите членки на Еврозоната минатата недела одлучија да инјектираат над петстотини милиони евра.

Запрашан за предвидувањата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) дека Европската Унија ќе биде најпогоден регион во светот, Мишел рече дека за сега е сѐ уште рано да се носат заклучоци бидејќи допрва треба да се измери точно колку ќе чини и кризата и потоа да се преземат решителни чекори.

Фон дер Лајен, од своја страна, предупреди дека кризата ќе чини “не милијарди евра, туку трилиони евра“.

Таа им порача на земјите членки исто така дека треба да сторат сѐ за да луѓето да ги задржат своите работни места и дека посебна алатка, позната како СУРЕ, е воведена токму за да им помогне во оваа цел.

СУРЕ е првиот европски инструмент кој треба да им помогне на земјите членки да спречат масовна невработеност по кризата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.