ЕК вели методологијата на пописот е во согласност со сите стандарди

Европската комисија не ги доведува во прашање резултатите и методологијата на пописот во Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.

На прашање на МИА дали Европската комисија има коментар за разните заедници и чинители кои не се согласуваат или не ги признаваат резултатите од пописот, Европската комисија вели дека е задоволна од методологијата.

– Не ги коментираме тие наводи. Како што е кажано во Извештајот за Северна Македонија од 2021, Законот и Методологијата, врз кои се базирани подготвувањето, организацијата и спроведувањето на пописот, се широко усогласени со релевантните стандарди дефинирани со статистичкото законодавство на Европската Унија, изјави денеска за МИА портпаролката Ана Писонеро.

Таа пред неколку дена нагласи дека Комисијата го поздрави фактот што земјата конечно по 20 години спроведе попис, чии актуализирани податоци се клучни за градење социјални, економски и демографски политики во интерес на сите граѓани на Северна Македонија.