Економијата забавува во сите сектори, растот на БДП ќе биде 2.4 отсто, а на цените 8.9 отсто, прогнозира Finance Think

Во четвртиот квартал од 2022, БДП се зголеми за 0.6% на годишна основа, со што целата 2022 се заврши со раст на економијата од 2.1%, кој е целосно во линија со проекцијата од Finance Think од септември 2022. Остварениот раст во последниот квартал е целосен одраз на забавувањето на економската активност кое започна порано како резултат на растечките цени и опаѓањето на реалните доходи на економските агенти, сега засилен со поизразеното забавување на инвестициите и надворешната трговија, се посочува во Макроекономскиот монитор К4 2022 што го објави Finance Think.

Во четвртиот квартал, бруто инвестициите се намалија за 5.3%, додека извозот и увозот пораснаа за 10.2% и 6.5%, соодветно, но овие порасти се пониски од претходните квартали. Личната потрошувачка ја задржа својата динамика на раст (3%), поддржана од растот на платите и пензиите, иако нивната реална вредност во овој квартал забележа особено намалување. Додека, јавната потрошувачка ја продолжи патеката на консолидација (-2.8%), што е соодветно и на пониско-остварениот буџетски дефицит во однос на планираниот, поради значајната потреализација на капиталните инвестиции на државата, но и поради консолидацијата на буџетската ставка стоки и услуги. Забавувањето на економијата е присутно во сите сектори, со исклучок на трговијата, транспортот и хотелиерството, кадешто растот продолжи со солидна динамика (8.3%).
Невработеноста во четвртиот квартал од 2022 понатамошно благо се намали на 14% од претходните 14.3% (К3-2022). Вработеноста благо опадна на 47.2%, па падот на невработеноста е остварен како резултат на намалување на работоспособното население и негова пасивизација на пазарот на трудот, што е неповолен тренд кој започна уште за време на пандемијата.
Во четвртиот квартал од 2022, инфлацијата забрза на 19.3% на годишна основа. Овој раст на цените и понатаму е доминантно движен од глобалните притисоци врз цените на примарните производи и енергијата, но пренесените ефекти врз пошироката потрошувачка кошничка и растот на личната потрошувачка го оправдуваат монетарното затегнување кое започна во вториот квартал и неопходно налагаат поголема внимателност и рестриктивност од страна на фискалната политика.
Неизвесноста во економијата останува присутна, но ценовните притисоци започнаа да ослабуваат од крајот на 2022. Finance Think останува на проекцијата за раст на БДП во 2023 од 2.4%, и проектиран раст на цените од 8.9%, двете со нагласена неизвесност.