Економијата во еврозоната дополнително ослабела во март

Економските активности во еврозоната дополнително ослабеле во март, закочени од континуираниот пад на извозните нарачки во атмосфера на политичка неизвесност, трговските војни и брегзитот, покажа во петокот објавениот извештај на лондонската компанија Markit.

Индексот на менаџерите на набавките (PMI) во еврозоната паднал во март за 0,6 процентни поени во однос на претходниот месец, на 51,3 поени, процениле во споменатата лондонска компанија за собирање и обработување економски податоци.

Клучен фактор за потклекнувањето на економијата бил континуираниот пад на извозните нарачки, шест месеци по ред, истакнуваат во Markit. Се намалуваат и старите ангажмани, што сигнализира на формирање вишок капацитети.

Производствениот сектор бил главниот извор на проблеми со најголем пад на активностите по малку повеќе од шест години. Секторот услуги покажува малку поголема отпорност, со само благо забавување во однос на февруари, но и значително пониска активност во однос на март минатата 2018 година.

„Завршувањето на првиот квартал беше слабо за економијата во еврозоната, покажувајќи се во вредноста на PMI кој спаѓа меѓу најниските од 2014 година. Се чини дека закрупнувањето во февруари од еднократните фактори како што се протестите на ‘Жолтите елеци’ во Франција веќе забавија. Најмногу загрижуваат проблемите во производствениот сектор кој бележи најголем пад на активносите од 2013 година под влијание на најголемиот пад на трговските текови од должничката криза во 2012 година“, констатира главниот деловен економист на Markit, Крис Вилијамсон.

Очекувањата на деловните челници за претстојниот период дополнително се влошени во однос на јануари, во прв ред под очекувањето на влијанието на намалените прогнози за економскиот раст, истакнуваат од Markit. Во фокусот се стравувањата од зајакнатата политичка неизвесност, трговските војни и брегзитот, а клучната област на очекуваната слабост и натаму е автомобилскиот сектор, се додава во извештајот.