Економската криза во Турција ги потресе светските берзи

332

На светските берзи минатата седмица цените на акциите паднаа бидејќи вложувачите повеќе не ги загрижуваат само трговските тензии меѓу САД и Кина, туку и економската криза во Турција, што предизвика пад на курсот на турската лира на најниските нивоа во историјата.

На њујоршки Волстрит минатата седмица индексот Dow Jones ослаби за 0,6 отсто, на 25.313 поени, а S&P 500 за 0,3 проценти, на 2.833 поени, додека Nasdaq индексот, пак, зајакна за 0,3 отсто, на 7.839 индексни поени.

До крајот на трговската седмица на овие индекси поддршка има даваа добрите квартални резултати на американските компании и закрепнувањето на технолошкиот сектор по неодманешниот остар пад. Меѓутоа, во петокот најголемата светска берза ја потресе продлабочувањето на економската криа во Турција, што ги потисна акциите на банките и ги наведе инвеститорите на повлекување од ризичните вложувања.

Најмногу во петокот падна за 1,2 отсто, S&P индексот на финасискиот сектор, при што цената на акциите на „Citigroup“, банката којашто е најмногу изложена на глобалните случувања, потона за 2,4 отсто, а под притисок се најдоа и акциите на банките „JPMorgan“, „Wells Fargо“ и „Bank of America“. Тоа е последица од продлабочувањето на економската криза во Турција, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги удвои царините на увозот на алуминиум и челик од оваа земја на 20, односно 50 отсто.

„Штотуку ги удвоив царините на челикот и алуминиумот од Турција, додека нејзината валута, турската лира, паѓа во однос на нашиот многу силен долар. Нашите односи со Турција во овој момент не се добри!“, напиша Трамп на Twitter.

Поради тоа, на валутните пазари курсот на турската лира, кој и претходно беше под притисок, во петокот потона за 18 отсто, што е најголемиот дневен пад од финансиската криза во Турција во 2001 година. Притоа курсот на лирата кон доларот потона на најниското ниво во историјата, повеќе од 6 лири за долар. Од почетокот на годинава турската лира загуби околу 40 отсто од вредноста, бидејќи на тамошната економија ѝ се заканува остро забавување на растот, а можеби и рецесија, на што предупредува рејтинг агенцијата Fitch. Тоа негативно влијаеше на светските берзи.

„Тоа е класично повлекување од ризичните инфестиции. Владее загриженост поради колатералните штети, поради влијанието врз Европа. А акциите на банките се под притисок поради падот на приносите на 10-годишните американски обврзници“, вели за Reuters Квински Крозби, челничка на одделот за стратегии во компанијата „Prudential Financial“.

Воздржаноста на вложувачите е последица и на заострувањето на тензиите во односите меѓу САД и Кина, кои војуваат со меѓусебно воведување царини на стоки во вредности од десетици милијарди долари. Вкупно САД и Кина досега воведоа царини на увоз на стоки во вредност од 34 милијарди долари од двете страни. До крајот на август овој износ би можел да се зголеми до 50 милијарди долари, а и од Вашингтон и од Пекинг се закануваат со нови царини.

И на европските берзи цените на акциите минатата седмица паднаа. Лондонскиот FTSE зајакна за бледи 0,1 отсто, на 7.667 поени, но на франкфуртскиот DAX се лизна за 1,5 проценти, на 12.424 поени, додека парискиот CAC за 1,2 отсто, на 5.414 индексни поени.

На Токиската берза, пак, индексот Nikkei минатата седмица се лизна за 1 процент, на 22.298 поени, што е најниското ниво во месец дена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.