Eкономскиот раст годинава ќe забави до 2,7 проценти, дефицитот останува висок, оцени Светска банка

Економскиот раст на земјава во 2022 година се очекува да забави до 2,7 проценти при што реалниот БДП до средината на годинава ќе го достигне нивото пред пандемијата, оценува Светска банка (СБ) во Редовниот полугодишен економски извештај за државите од Западен Балкан.

Основното сценарио се потпира на претпоставката дека акутната фаза на кризата ќе се ублажи во вториот квартал од 2022 година дури и ако ефектите од санкциите заради војната во Украина продолжат во текот на 2022 и во 2023 година.

-Енергетскиот сектор, земјоделството и автомобилската индустрија ќе бидат повеќе погодени од останатите сектори. Доколку се пролонгира војната во Украина дополнително ќе се намали надворешната побарувачка, ќе се зголемат цените на клучните стоки и енергијата, ќе се попречи мобилноста и ќе се одложат инвестициите, оценува СБ во прелиминарниот извештај и нагласува дека ова сценарио би довело до уште помал раст и фискални приходи, како и зголемени барања за фискална поддршка и пораст на трошоците за финансирање.

Се нагласува дека се очекува фискалниот дефицит во земјава да остане на високо ниво и во 2022 година, согласно континуираната поддршка на фирмите и домаќинствата за ублажување на влијанието од енергетската криза и кризата поврзана со Украина.

-Фискалниот дефицит постепено ќе се намалува до 2024 година оставајќи го јавниот долг на над 64 проценти од БДП. Сепак среднорочните изгледи остануваат позитивни, но ризиците во голема мера се надолни и нагласени, оценува СБ.

-Зголемената политичка несигурност и одложените преговори за пристапување во ЕУ, во услови на енергетска и здравствена криза може да доведат до послаби реформи потребни за зајакнување на потенцијалниот раст и консолидирање на јавните финансии. Заострувањето на глобалните финансиски услови може да влијаат на опциите и трошоците за финансирање на Северна Македонија во блиска иднина. На позитивната страна е реализацијата на Планот за забрзување на растот кој го таргетира развојот на човечкиот капитал, зелената транзиција и дигитализацијата што може да го поттикне потенцијалниот раст, оценува СБ.

Се препорачува на среден рок земјава да ги зајакне одржливоста на јавните финансии и да го насочи својот фокус кон решавање на структурни предизвици, вклучувајќи ги нискиот и опаѓачки човечки капитал, слабата регулаторна рамка, политиката за конкуренција, судството, ниската продуктивност, и зголемената миграција. Дополнително Владата ќе треба да ја преиспита и рационализира државната помош за да ги реши проблемите на фискалната одржливост и да обезбеди понасочена поддршка за домашната економија.